1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Хрватска не сака конфликти со соседите

Во интервју за Дојче Веле, хрватскиот премиер Зоран Милановиќ вели дека интерес на неговата држава е стабилен Западен Балкан. Оттука, тој најавува поддршка од Загреб за европската интеграција на соседите.

default

Зоран Милановиќ

„Сакаме сите земји од регионот да влезат во ЕУ. Тоа е наш стопански, но и безбедносен интерес“, порача Милановиќ во Брисел, каде во понеделникот (30.01) за првпат, еден хрватски премиер присуствуваше на состанокот на лидерите на земјите на ЕУ. Тој нагласува дека и по приемот на Хрватска, „очигледно е дека проширувањето на ЕУ води кон земјите од Југоисточна Европа“.

„Но од нив самите зависи колку ќе ги задоволат строгите критериуми. Кај нас нема никаква завист, туку само интерес регионот да биде стабилен и затоа безрезервно ќе ги поддржуваме. Мојата влада не е популистичка и нема да ја градиме нашата политика со одржување конфликти од низок интензитет со соседите. Тоа е неодговорно и штетно“, вели Милановиќ.

Партнерски односи

Хрватскиот премиер најавува дека посакува неговата прва надворешно-политичка посета да ја оствари во Босна и Херцеговина, во обид да гради партнерски односи. Што се однесува до Србија, тој е јасен дека е клучен „косовскиот услов“.

„Познати се заклучоците на Советот на ЕУ од декември минатата година околу Косово. Познати и’ се и на Србија. Тука нема никакви тајни и тоа треба да се почитува“, вели Милановиќ.

Kroatische Regierungschef Zoran Milanovic und EU-Ratspräsident Herman Van Rompuy

Милановиќ со претседателот на Европскиот Совет, Херман Ван Ромпој

Од ЕУ деновиве им порачуваат на земјите од Западниот Балкан да се подготват за влезот на Хрватска во Унијата кон средината на 2013. година. Оној момент кога хрватските граници ќе станат граници на ЕУ кон БиХ, Србија и Црна Гора, ќе уследат бројни промени, во прв ред во однос на извозот, соработката и други права кои жителите на соседните земји досега ги имаа во Хрватска.

Милановиќ се надева дека новите правила нема да ја загрозат регионалната соработка.

„Ние досега имавме прилично флексибилен режим, со кој немавме проблеми. Да не ни‘ одговораше немаше ни да го договараме. Со влезот во ЕУ тој режим ќе се заостри, но се надевам дека нема да им наштети на нашите меѓусебни односи и трговија“, изјави Милановиќ во интервју за Дојче Веле.

Автор: Марина Максимовиќ/Б. Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска