1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Хрватска им се враќа на задругите

Во поново време се забележуваат првите чекори во политиката на хрватската влада кон задругите - традиционалните демократски економски организации. Тие меѓу другото се покажуваат и како добар одговор на економската криза.

Енергетската задруга Луг е невообичаена појава во Хрватска. Имено, станува збор за социјална задруга, а потоа и за енергетска. Нејзиниот член Милан Медиќ објаснува дека добивката не се дели меѓу задругарите, туку во целост се реинвестира или донира во локалните заедници во кои таа делува. Основната дејност на Луг се однесува на соларната енергија, но на таа убава социјална приказна и се испречила – хрватската енергетска политика.

Медиќ вели дека додека во Словенија, која и според површината и според бројот на населението е половина помала од Хрватска, има 170 мегаватни соларни електрани, Хрватска планира до 2020 година да има 20.

„Многу е тешко да се развива енергетска задруга насочена кон обновливи извори на енергија во држава во која сака тоа да го уништи и својата енергетска иднина да ја изгради врз фосилни горива“, вели Медиќ додавајќи дека лани е укинат и системот на државни субвенции, како и откупните квоти.

Богата задругарска традиција

Solarcluster Kamanje

Тројца членови на енергетската задруга Луг

Неговата задруга не губеше време, па се ангажираше на производи и услуги врзани за технологијата на безжичен интернет за селските заедници кои не можат да сметаат на операторите од класичните телефонски мрежи. Тие се посветија и на работата со младите. Се работи за ветувачки, но недоволно искористен економски модел – барем не во Хрватска, иако нејзината задругарска традиција е многу богата, со историја долга век и половина.

Денес ширум светот задругите бројат околу 800 членови, а во Хрватска има околу илјада такви организации – најмногу земјоделски, потоа рибарски, на бранителите и така натаму, со околу 20 илјади задругари. Специфичноста на овој модел е демократскиот однос кон сопствениот приход, како и составот на одлучувања за работењето. Сите задругари се рамноправни во донесувањето одлуки и сите начелно имаат право на иста заработувачка.

Задругите се похумани

Медиќ, кој е член и на Институтот за економска демократија од Загреб, вели дека предностите на задругите најмногу доаѓаат до израз сега – во време на тешката економска криза и можното пропаѓање на социоекономскиот систем заснован на доминација на капиталот над работата, како и во трката за профит заснован на експлоатација на работниците и околината. Задругите се веќе испробана алтернатива за осигурување на трајноста на работните места, хуманата работна атмосфера и претставуваат простор за заедничко одлучување за вложувањето во широката заедница.

Solartracker Kamanje

Милан Медиќ (лево), член на член на задругата Луг, фотографиран со Михаел Змајловиќ, хрватски министер за штита на околината и природата (до него на фотографијата)

Во минатите децении задругите беа нарекувани „реликти на самоуправниот социјализам“, а во последните години официјалната политика почна да им дава поддршка на таквите облици на работење. Во средината на месецов е поднесен и предлог-закон за задруги. Медиќ смета дека и досегашниот закон не бил лош, а она што недостасува е системска владина политика. Во Италија, на пример, при постапките за јавни набавки е пропишано задолжително учество на барем една социјална задруга. Данска нема закон за задруги, но поради континуираната владина политика има една од најјаките задругарски економии на светот.

„Хрватската економија ја карактеризира расцепканоста. Малите и средни фирми имаат свои предности и недостатоци, но малите со здружување можат да ја анулираат предноста на големите во рентабилноста и високата ефикасност во работењето“, вели Дарко Лиовиќ, шеф на државната Хрватска агенција за мало стопанство и инвестиции (Хамаг инвест). Имајќи го тоа во предвид, тој вели дека задругите во иднина ќе мораат да добиваат повеќе на значење во вкупниот контекст на домашната економија. А, свеста за тоа расте и во политичките и во претприемачките кругови, вели тој. Тоа го потврдуваат и неодамнешните зборови на Гордан Мараш, хрватскиот министер за претприемништво и трговија, кој истакна дека државата мора и сака повеќе да помага и да го поттикнува задругарството во Хрватска.