1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Хрватска идна спрега на ЕУ кон земјите од Балканот

Претседателот на владата на Република Хрватска Зоран Милановиќ денеска е во еднодневна посета на Германија. Односите на Хрватска и Германија традиционално се добри. Во прв план веќе одамна се економските односи.

Отворени политички прашања меѓу Германија и Хрватска нема со години. Последна сенка врз односите меѓу Загреб и Берлин фрли неисполнувањето на барањето на германските правосудни органи за израчување на бившиот службеник на југословенската и хрватската тајна служба Јосип Перковиќ, кој се товареше поради наводна вмешаност во убиството на хрватскиот политички емигрант Стјепан Ѓурековиќ на почетокот на осумдесетите години на минатиот век. Но, од неодамна и потерницата по Перковиќ (и неколку други хрватски државјани) е симната од интернет страница на баварската служба за борба против криминалот, така што тоа прашање (речиси) и да не се споменува.

Германија како адвокат на Хрватска

Norbert Mappes - Niediek Journalist und Buchautor

Норберт Мапес Нидек

Германија дури, како што смета Норберт Мапес Нидек, новинар и публицист, во завршницата за пристапните преговори за ЕУ дури и пружаше помош секогаш кога ќе запреа преговорите. „Германија во тој период беше нешто како адвокат на Хрватска“, смета Мапес Нидек. Но, тој ангажман е далеку од поддршката во периодот по распадот на Југославија. Хрватска според него денес е земја која на меѓународен план не прави чекори кои би можеле да ја загрозат ратификацијата на пристапниот договор во земјите членки на ЕУ, па така ни во Германија. Важно е, нагласува Мапес Нидек, што во последните години во Хрватска постои консензус по прашањето за пристап на земјата во ЕУ.

Ратификацијата не е прашање на автоматизам

FDP Bundestagsabgeordneter Horst Meierhofer

Хорст Мајерхофер

Претседателот на парламентарната група за Хрватска Хорст Мајерхофер во разговор за ДВ изнезе „длабоко уверување“ дека Бундестагот ќе го ратификува пристапниот договор. „На ратификацијата на пристапниот договор во Бундестагот веќе ништо не и’ стои на патот, но уште еднаш мора да се каже дека не станува збор за автоматизам и дека критериумите мора да бидат исполнети. Но, сметам дека Хрватска ќе ги исполни“, вели Мајерхофер.

Дека на ратификацијата на хрватскиот пристап во ЕУ во Бундестагот ништо не и’ стои на патот уверен е и Јосип Јуратовиќ, долгогодишен пратеник на Социјалдемократската партија на Германија во Бундестагот. „Ставот за Хрватска во Бундестагот е позитивен, така што мислам дека нема да има проблем со ратификацијата“, подвлекува Јуратовиќ.

Хрватска пред економски и политички предизвици

Josip Juratovic

Јосип Јуратовиќ

По влезот на Хрватска во ЕУ, пред земјата стојат, а во тоа се уверени сите соговорници, големи економски и политички предизвици. Еден од најчесто споменуваните е Хрватска да ја преземе улогата на спрега меѓу Европската унија и другите земји од Југоисточна Европа.

„Од Хрватска се очекува да преземе улога на посредник кон земјите во регионот кои се стремат за влез во ЕУ. Мислам дека и земјите од регионот истото го очекуваат од Хрватска“, вели германскиот пратеник со хрватско потекло Јуратовиќ. Тој е уверен и дека оддржувањето на врските со земјите од регионот играат пресудна улога за економската иднина на Хрватска.

„Стопанството на Хрватска секогаш ќе зависи од односите во регионот. Мојата порака секогаш беше: на Хрватска институционалното место и’ е во ЕУ, но економскиот просперитет и натаму ќе зависи од натамошниот развој на целиот Балкан, оти таму е природниот пазар и односите во регионот секако треба да се негуваат. Значи Хрватска мора да работи во двата правца: и кон ЕУ и кон регионот“, заклучува Јуратовиќ во разговор за ДВ.