1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Хрватска згреши во сметката?

Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска треба да донесат решение за одлагање на преговорите со Хрватска за приклучување кон ЕУ. Разговорите беа првично планирани за утре, но за време на советувањето на 25-те амбасадори на земјите членки на ЕУ тие се изјаснија за одлагање на почеток на преговорите поради недоволна соработка на Загреб со судот во Хаг.

Хрватска ќ епочне преговори со ЕУ на денот на испорака на генералот Готовина (на фотографијата) во Хаг

Хрватска ќ епочне преговори со ЕУ на денот на испорака на генералот Готовина (на фотографијата) во Хаг

“Хрватите се пресметаа и не веруваа дека ќе останеме цврсто на ставот“, изјави дипломат на ЕУ по средбата на 25-те амбасадори на земјите од ЕУ во Брисел. Амбасадорите, еден ден пред средбата на министрите за надворешни работи, разговараа за Хрватска и со големо мнозинство заклучија дека хрватската влада не соработува доволно со судот за воени злостроства на просторите на поранешна Југославија. Додека осомничениот генерал за воени злосторства, Анте Готовина, не биде испорачан, нема да има ниту преговори за прием во ЕУ со Хрватска, најави актуелниот претседавач со Советот на министри на унијата, луксембуршкиот премиер, Жан Клод Јункер.

Главниот обвинител на судот во Хаг, Карла Дел Понте, на средбата со луксембуршкиот министер за надворешни работи, Жан Аселборн, вчера, уште еднаш јасно стави до знаење дека Хрватска можела да го уапси избеганиот генерал, и дека за таквиот став има и поткрепа од странски известувачки служби, се вели во кругови на унијата.

Хрватскиот премиер, Иво Санадер, вчера и самиот беше во Брисел за да направи последен обид да ја предомисли унијата. Санадер укажа дека неговата земја по политичките и економски реформи ги исполнува сите услови кои ги има поставено унијата во т.н. каталог со критериуми од Копенхаген. Хрватска не може да биде заложник на еден единствен осомничен воен злосторник. Санадер изјави дека тој прави се за да соработува со Хашкиот трибунал:

“Нашиот став е дека Хрватска ги исполнува важните услови. Соработката од декември наваму е зајакната. Која е причината за одлагање сега? “

Анте Готовина во неговата таковина кај повеќето од луѓето важи како херој, кој ослободил делови од Хрватска од српска окупација. Карла Дел Понте го осомничи за убиство на 150 Срби. Хрватската влада, вели таа, во понеделникот ги блокираше сметките на Готовина, но тој чекор доаѓа неколку месеци задоцнето.

Хрватскиот премиер вели дека не знае каде се наоѓа избеганиот генерал и дека не му се познати наводните извештаи на тајни служби:

“Според инофмрации на сите служби и на полицијата, тој не е во Хрватска. Ако постојат сознанија на други институции, тие треба да ни бидат пренесени. “

Ова е првпат унијата да откажува веќе закажан термин за почеток на преговори. Со тоа, велат ЕУ дипломатите, треба да им биде испратен силен сигнал и на останатите земји на Балканот кои сакаат да и се приклучат на ЕУ.

Хрватската влада и исплаќа на сопругата на Готовина редовно пензија. Готовина има и француски пасош, кој можеби гласи на друго име. Тој порано бил член на француската Легија на странци. Аргументите на Хрватска во разговорите на амбасадорите на ЕУ ги поддржаа само Австрија, Словенија, Словачка и Унгарија. Останатите, меѓу кои и Германија, бараат подобра соработка со Хашкиот трибунал. Слаба утеха за Хрватска – преговорите можат да почнат на денот кога ќе биде испорачан генералот Готовина. Документацијата и актите во Брисел се подготвени.