1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Хрватска во ЕУ е добра вест за македонското вино

Македонските производители на вино очекуваат позитивен ефект од членството на Хрватска во ЕУ. Извозот, посебно на флашираните вина кои се доста популарни на овој традиционален пазар повеќе нема да биде ограничен.

Членството на Хрватска во ЕУ ќе го отвори дополнително пазарот за извоз на македонски вина во оваа земја, посебно на флашираните. Овој традиционален пазар ќе стане подостапен не само поради укинувањето на националните квоти, туку и поради начинот на кој тие досега се распределуваа од страна на хрватските власти. Производителите се оптимисти:

„До оваа година за вината од Македонија, Хрватска имаше свои квоти кои не беа доволни за наше позначајно присуство на тамошниот пазар. Извозот над овие квоти беше дополнително финансиски оптоварен што влијаеше на зголемување на крајната малопродажна цена на нашите вина, што не‘ правеше помалку конкурентни. Со влезот на Хрватска во ЕУ, добиваме можност за зголемување на извозот, бидејќи националните квоти се укинуваат, а ќе важат ЕУ - квотите кои се многу поголеми, особено за флашираните вина. Со ова се отвора можност за зголемен извоз пред се‘ на флаширани вина, особено нашите црвени, автохтони сорти на вина што се добро познати на хрватскиот пазар по својот квалитет“, изјави за Дојче веле Марија Митева, директор на винаријата Сковин.

Weinanbau in Mazedonien

Согласно договорот со ЦЕФТА од 2006 година, бесцаринската квота за извоз на вино во Хрватска изнесуваше 6,7 милиони литри. Овие квоти од први јули повеќе нема да важат за Хрватска, но барем засега нема ни да се додадат на оние што важат на ниво на ЕУ. Извозниците се надеваат дека наскоро и тоа ќе се промени:

„Можен е одреден проблем во делот на наливното вино, поради фактот што со влегувањето на Хрватска во ЕУ бесцаринската квота останува иста, односно засега не е додадена квотата која претходно важеше само за Хрватска. Оптимисти сме дека нашите преговарачки тимови со ЕУ набрзо ќе успеат во напорите да се промени оваа состојба, на што се работи упорно. Во делот на флашираното вино не очекуваме поголеми проблеми имајќи во предвид дека и онака Република Македонија многу малку ја искористуваше бесцаринската квота за извоз на флаширано вино во ЕУ“, коментира Ѓорѓи Петрушев директор на здружението “Вина од Македонија“.

Grüne Woche Mazedonien

Презентација на македонски вина во Берлин, архива

Хрватскиот пазар во последниве години станува се‘ позначаен за македонските винарии, кои по кризата полека се консолидираат и се позиционираат не само на традиционалниот европски пазар, туку и на далечниот исток:

„Годинава очекуваме раст на извозот на хрватскиот пазар , а веќе догодина очекуваме Хрватска да стане една од првите пет земји во кои најмногу извезуваме. Германија за нас е се‘ уште најголем купувач во Европа, а во регионот Хрватска и Србија. Од подалечните земји нашите вина се продаваат во Јапонија, каде за оваа година имаме 30% повеќе нарачки од лани, но и Русија каде започнавме да извезуваме и очекуваме двоцифрен раст на продажбата во наредните години“, вели Митева.

Европската унија останува најзначаен партнер за македонското вино, посебно пазарите во Германија, Чешка и Словачка каде бесцаринската квота од 31,4 милиони литри наливно вино беше искористена уште во февруари годинава. Квотата за флаширано вино за 2013 е осум ипол милиони литри. Структурата на одобрената квота секоја година се менува, односно се намалува во делот на наливното вино за 600 илјади литри, кои во иста количина се зголемуваат кај флашираните вина.