1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Хрватска- влез во ЕУ на еден кризен кандидат?

На полноќ, Хрватска ќе го пречекори прагот нa ЕУ. И покрај огромниот напредок што го направи земјата, багажот со проблеми со кој Хрватска влегува во ЕУ и натаму е исклучително тежок, за што сведочи и следниот пример.

До висорамнината на полуостровот Пељешац води макадамски пат, качувањето е тешко. Каменест пејсаж, вообичаен на хрватскиот брег. Но, за Жељко Самарџиќ, раководител на германско претпријатие кое управува со ветерници за производство на струја, се исплатуваат секојдневните напори.

„На ова место дува ветер од речиси сите страни. Според извршени мерења и предвидувања ова е многу добро место за производство на струја од комплексот ветерници“, вели Самарџиќ.

Овде дуваат три различни ветри: југо, мистрал и особено бура од северот. Тоа е еден од најсилните ветри во светот, со брзина и до 200 километри на час. Ветрот е погонска сила за 16 ветерници, кои можат да се вртат во сите насоки. Целата инвестиција изнесува речиси 50 милиони евра.

Како Дон Кихот

Жељко Самарџиќ може преку интернет да ја управува постројката од кое било место. Информации од неа одат дури и до седиштето на фирмата во Германија. Ако се појави некаков проблем и турбината запре поради некаква грешка - се’ може да се контролира, каде и да се наоѓаш“, истакнува Самарџиќ.

Висока технологија на Јадранот - новост овде; досега Пељешац беше познат првенствено по школки, вино и средновековни тврдини, како туристичко место. Но, не и по енергија добиена од ветер, иако Хрватска мора да увезува 30 проценти од потребите за струја. Па сепак, Жељко Самарџиќ и неговиот германски работодавач мораа цели 12 години да се борат за добивање на неопходните дозволи.

„Во почетокот моравме на властите точно да им објасниме за што станува збор, што ќе донесе тоа, сите аспекти на проектот. Моравме да ги подучуваме властите и институциите што треба да е нивната работа“, истакнува Самарџиќ.

Инвеститорот мораше да помине повеќе од 50 чекори во постапката за добивање дозвола. Најкомпликувано во Европа. Поради тоа во канцеларијата виси сликата на Дон Кихот, човекот што се борел против ветерници.

Постојано, вели Самарџиќ, си во искушение со мито да ја забрзаш постапката, но тоа сепак не доаѓа предвид. Корупцијата во Хрватска е ненамалено присутна. Државната управа во убавата јадранска земја е толку предимензионирана, колку во Грција пред кризата. Поради тоа менаџерот Самарџиќ се обидува да ги приврзе властите за проектот, на пример Ведран Антуница, градоначалник на ближното гратче Стон.„Да видам до каде сте дојдени“, му вели тој на градоначалникот; мисли на санирањето на руинираната црква. На сите страни недостасуваат пари. Годинава општината за прв пат ќе добие 100 илјади евра како данок од ветерничкиот комплекс.

Сериозни недостатоци ги блокираат инвестициите

Според хрватскиот закон за енергетика, еден процент од приходите и’ припаѓа на општината. Значи, многу предности за сите - и сепак постојано искрснуваат проблеми. „Ова е документацијата за само едно парче земја, што моравме да го земеме под наем за само една ветерница. Ова има 23 сопственици, а многумина се починати или веќе не живеат овде“, објаснува Жељко Самарџиќ.

Менаџерот и градоначалникот во заедничка потрага по вистинските сопственици. Градоначалникот на Стон, Ведран Антуница посочува: „Овде радо имаат по два, три, четири сина. На почетокот мислиш дека има само еден сопственик, а ќе испаднат многумина насекаде расштркани“. На пример, отселени. Раководителот на ветерничкиот комплекс Самарџиќ со критика: „Катастарот не е актуелен и тоа е сериозен недостаток за земјата, оти може да го блокира инвестирањето“.

Кај вакви проблеми на Самарџиќ не му помага ни модерната техника. По долги години претпријатието сепак успеа, ветерниците веќе три месеци носат пари - пред се’ оти Хрватска има извонредно поволен закон за субвенции за енергија добиена од ветер, како што бара ЕУ. Хрватска, нејзината 28 земја-членка, со многу шанси. Уште да не беа домашните проблеми - бирократијата, корупцијата.