1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Хрватска: Влез во ЕУ без еуфорија

Хрватска ова лето ќе стане 27-членка на ЕУ. Но поради еврокризата, а и многу други нешта, во Хрватска нема ни трага од еуфорија и оптимизам. Дури ни во местата кои се за тоа создадени.

Дубровник - туристички бисер на хрватскиот брег на Јадранот. В лето тука доаѓаат стотици илјади туристи. Во овој период меѓутоа ги има малку. Најпознатиот туристички магнет на Хрватска е пуст. Како и масите во ресторанот на Жељко Пенатур. Малкуте туристи во овој период се уште и пребирливи.

Проблемот е во тоа што во Хрватска до денес не се води многу сметка за пред- и постсезоната. „На Дубровник му треба подобар менаџмент, кој би работел само на тоа - значи да се донесат луѓе на кои само тоа би им била работа, и да го прават тоа професионално“, вели Пенатур.

Меѓутоа, досега само политиката одлучуваше што ќе се прави. А последица е дека туристичката индустрија придонесува само со пет проценти во хрватските приходи од стопанството.

Премалку - дури и ако кон тоа се додаде и сивата економија. На Хрватска имено и’ се потребни повеќе од 20 проценти приходи од туризмот. Меѓутоа до денес изостануваат реформи во некогашната социјалистичка земја.

„Тоа има такви размери, што во иста мера ги кочи странските инвестиции, како и идеите од хрватското претприемништво“, вели Гунтер Нојберт од Германско-хрватска трговска комора. Борис Цота, кој е советник за економија на хрватскиот претседател дополнува: „Едноставно со години нема политичка волја за структурни реформи. Хрватска долго земаше евтини кредити пред финансиската криза, како и многу други земји од средна и југоисточна Европа“.

Сега, вкупниот долг на Хрватска изнесува повеќе од 90 проценти од БДП. Инвестициите стагнираат, во малата земја цутат корупција и непотизам.

А правосудството и натаму е слабо, и покрај тоа што пристапните преговори со Брисел беа подолги отколку со која било друга нова членка на ЕУ. Пристапување без еуфорија. Многу ситни рибари стравуваат од конкуренцијата од Западна Европа оти властите во Загреб недоволно ги заштитиле нивните интереси. Притоа, некои туристи доаѓаат токму поради рибарската романтика. Сопственикот на ресторан Жељко сонува таквата страна на Дубровник во иднина да биде повеќе истакната. „Лично сметам дека нашата иднина е повеќе во елитниот туризм, во голф-туризмот, конгресниот туризам, а што помалку масовен туризам“, вели Панатур. Тој се надева на нови инвестиции од странство - по влезот во ЕУ.