1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Хрватска влегува во ЕУ и тоа е добро

Влезот на Хрватска во ЕУ е важен и вистински чекор за двете страни, а процесот на проширување на ЕУ треба и натаму да продолжи, коментира Верица Спасовска

Добредојде за Хрватска во Европската унија! Добро е што од 1. јули Унијата прима уште една членка во своите редови. Да беше сега 2004. година, кога во Унијата со големо славје беа примени десет нови членки, ова срдечно добредојде веројатно ќе се подразбираше. Но, среде кризата на еврото, новото проширување на ЕУ беше проследено со загриженост и скепса.

„Дали е Хрватска нов гроб за милијарди евра?“, гласеше неодамна популистичкиот наслов во таблидот Билд со кој се ширеа нови стравови од проширувањето. Некои Хрватска ја доживуваат како корумпирана и националистички настроена, како држава чие не толку далечно воено минато се‘ уште има како последица заладени односи со Србија.

Хрватските политичари се свесни дека сплесна еуфоријата од проширувањето на ЕУ, и дека влегувањето на новите членки ќе мине без голема помпа. Политичката елита во Загреб прагматично и трезвено констатира дека има уште многу работа за да се достигнат стандардите на ЕУ. Тоа пред се' се однесува на заостанатото стопанство, структурните реформи на јавната управа и борбата против корупцијата.

Меѓутоа оваа оправдана самокритика не смее да го стави во втор план тоа што Хрватска во изминатите години оствари голем напредок. Од Европската Комисија неодамна стигнаа позитивни оценки за борбата против корупцијата, што не беше случај со Бугарија и Романија, кои веќе се членки на Унијата. Конструктивната соработка со Хашкиот трибунал исто така се гледаше како важен придонес. Хрватска денес, за разлика од националистички обоените први години од нејзината независност, е отворена, толерантна и правна држава. До

сето тоа немаше да дојде да не беа пристапните преговори. Перспективата за членство во ЕУ беше моторот кој ги туркаше реформите. Процесот на пристапување беше катализаторот кој ја забрза демократизацијата на земјата. Тоа не смеат да го заборават противниците на процесот на проширување.

Корист за Германија

Што се однесува до Германија, таа ќе има повеќе корист отколку трошоци. Се покажа дека досегашното проширување имаше позитивни ефекти на германското извозно ориентирано стопанство. Не се остварија предвидувањата дека тоа ќе доведе до јуриш од невработени луѓе на пазарите во Унијата.

Не треба да се испушти од предвид ниту одлучувачкиот аспект, кој е сосема надвор од економските размислувања за предностите и маните на проширувањето. ЕУ е и мировен проект, придвижен како одговор на страшните последици од Втората светска војна. Стратегијата за проширување на Унијата кон државите од Западниот Балкан е инструмент за обезбедување на мирот на тие простори.

Влегувањето на Хрватска е голем чекор и за нејзините соседи, Босна и Херцеговина и Србија. Хрватска ја презема улогата на пример за другите држави кандидати и може да биде мотор на помирувањето. Оттука, нејзиниот влез во ЕУ треба да биде охрабрување за останатите држави од Западниот Балкан да не ги запоставуваат реформските процеси, дури и кога патот кон Унијата е долг и полн со пречки. Со одлуката да даде зелено светло за почеток на преговори со Србија, Бундестагот упати јасен сигнал. Тоа е потврда дека европската солидарност не застанува на надворешните граници на ЕУ. Добредојдето за Хрватска, според тоа, не треба да биде последното.