1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Германија - мојата приказна

Хрватите во Германија - меѓу асимилација и интеграција

Хрватите во просек најдолго живеат во Германија. Тие се обидуваат да го задржат националниот идентитет, но младите генерации во меѓувреме подобро зборуваат германски отколку хрватски.

„Се прилагодив на германскиот стил, но во срцето останав Хрват“, вели Роберт Буљат смеејќи се. Триесет и осум годишникот е роден во Германија, каде и денес живее, но првите години од животот ги поминал кај баба му во Хрватска. Откако во 1968. година бил склучен Договорот за привлекување странска работна сила со тогашна Југославија, неговите родители дошле во Германија со само два куфери. Германски не знаеле. Но, тие биле вредни и наскоро отвориле сопствен ресторан во Лудвигсхафен, на Боденско Езеро, еден од, во тоа време во Германија, многу раширените „Балкан-грил“. Работата во сопствениот ресторан одела добро и брачниот пар бил толку зафатен, што синот го пратил „дома“, кај бабата и дедото.

Тоа било вообичаено кај југословенските гастарбајтери во Германија. Тие себеси се гледале како „привремени работници“, планирале за кратко време да заработат пари и да се вратат во татковината. Но, родителите на Роберт Буљат постојано го продолжувале престојот во Германија. Кога тој имал 11 години и го донесле во Бон, станале свесни дека привремениот престој во Германија станал нешто потрајно. Роберт одел на училиште во Бон и се образувал и обучил за енергетски електроничар.

Задоволни во Германија

Двојниот идентитет, како оној на Буљат, меѓу Хрватите во Германија е многу распространет, објаснува социологот Инга Штампфер од Берлин. За нејзината студија околу интеграцијата на Хрватите во Германија таа анкетирала мигранти од оваа група:

„Повеќе од 80 проценти од испитаниците се чувствуваат добро примени во Германија, а над 60 насто се задоволни со својата животна ситуација“, вели социологот.

„Иако 13 проценти од анкетираните поседуваат германско државјанство, само две лица изјавија дека се идентификуваат како Германци“, вели Штампфер. Нејзиниот заклучок: „Тие се вклопиле во важните точки во германското мнозинско општество, без да го загубат хрватскиот идентитет“.

Сепак, постојат и разлики - додека првата генерација гастарбајтери се‘ ште предност му дава на хрватскиот идентитет, за втората германскиот е на исто рамниште. И за Роберт Буљат тоа е разбирливо само по себе:

„Мојот мајчин јазик е хрватскиот, но на германски можам често подобро да се изразам“, вели таа.

Заедничка платформа за комуникција

Овој феномен му е познат и на Адолф Полегубиќ. Тој е уредник во магазинот „Жива заједница“, кој излегува во Франкфурт. Црковниот весник е основан пред 30 години со намера да ги информира верниците за хрватската католичка црква во Германија.

„Одамна меѓутоа, многу хрватски католички заедници прераснаа во хрватски културни центри“, објаснува Полегубиќ.

„Тие се активни како на полето на религијата, така и во врска со хрватскиот јазик и култура“.

Студијата на социологот Инга Штампфер меѓутоа покажа дека „Хрватите се многу хетегорогена група“. Токму поради тоа, весникот „Жива заједница“ се обидува да создаде заедничка комуникациска платформа, да биде медиум за размена на ставови во врска со општествениот живот. Еден дел од весникот се публицира на германски јазик:

„Сакаме да допреме до сите генерации, но увидовме дека тоа не е можно само преку хрватскиот јазик, зашто младите зборуваат подобро германски отколку хрватски“, објаснува уредникот Полегубиќ.

Хрватите во Германија важат најчесто за неупадливи и доста добро интегрирани. Истовремено многу од нив опстојуваат на двојниот идентитет. Според проценките, во Германија живеат околу 350 илјади луѓе со хрватско потекло. Во просек хрватските доселеници поминале тука 30 години и спаѓаат во мигрантите со просечно најдолг престој. Сепак, околу 225 илјади од нив го задржале хрватскиот пасош. Тоа одговара на заклучокот на студијата на Инга Штампфер:

„Хрватите покажуваат дека човек не мора нужно да биде асимилиран за да биде добро интегриран“.

Повеќекратен идентитет

И Роберт Буљат во меѓувреме веќе 25 години живее во Германија, но не се откажал од хрватскиот пасош: „Никогаш не сакав, никогаш не помислив на тоа и не ми беше потребно“.

По образованието низ работа тој 13 години работел како електроничар. Но, цело време сонувал друг сон:

„Секој кој ме познава беше свесен дека тоа не е за мене. Имав 13 или 14 години кога ми се роди желба да отворам ресторан, таа ни до денес не се промени“.

Во остварувањето на неговите планови хрватскиот пасош не бил никаква пречка. Дури и банката, која обично не дава кредити за гастрономија, неговата деловна идеја ја оценила како добра и му одобрила парична позајмица, официјално како за купување автомобил.

Оваа бизнис идеја нема врска ниту со Хрватска ниту со Германија: Роберт Буљат е убеден дека времето на „Балкан грил“ е поминато и отвори шпански ресторан - тапас бар и бодега во Бон. Во меѓувреме неговиот ресторан секогаш е преполн, без резервација е тешко да се најде место. Тоа што еден хрватски Германец води шпански ресторан за Роберт Буљан не е противречно. Тој е свесен за својот двоен идентитет, останатото е деловен концепт - сосема модерен став.

Портрети на некои од успешните Хрвати во Германија

Гледај видео 04:56

Јосип Јуратовиќ, пратеник во Бундестаг

Гледај видео 04:56

Никол Љубиќ, новинар и писател

Гледај видео 04:27

Марица Бодрожиќ - занимлива писателка

Гледај видео 04:47

Иван Ѓикиќ - биохемичар во Франкфурт

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема