1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Храбар историски чекор

Турција и Ерменија го официјализираа курсот на помирување. Mинистрите за надворешни работи на двете земји во Цирих потпишаа два протокола за нормализирање на односите и за повторно воспоставување на дипломатските односи.

default

Министрите Налбандиан и Давутуглу по потпишувањето на протоколите во Цирих

Шефовите на дипломатиите на Турција и Ерменија, Ахмет Давутоглу и Едвард Налбандиан вчера во швајцарскиот град Цирих ги потишаа важните документи за повторно воспоставување на билатералните односи. Според најавите, на свечената церемонија присуствуваа американскиот државен секретар Хилари Клинтон, високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност Хавиер Солана и шефовите на дипломатијата на Русија и Франција, Сергеј Лавров и Бернар Кушнер.

Европската унија и САД со олеснување реагираа на потпишувањето на договорот меѓу Турција и Ерменија. ЕУ во Брисел договорот го означи како „историски“ и „ храбар чекор кон мирот и стабилноста на јужниот Кавказ“.

До напредок преку „фудбалска дипломатија“

Präsident Abdullah Gul und der armenische Präsident Serge Sargsyan 2008

Претседателите на Турција и Ерменија

Вчерашниот чин претставува круна на разговорите кои тајно се водат од 2007 година со посредство на Швајцарија. Пред една година како плод на ваквиот контакт Абдула Ѓул беше првиот турски претседател кој го посетил Ереван на покана на ерменскиот колега Серш Саргсјан: тие заедно го гледаа фудбалскиот натпревар меѓу Ерменија и Турција од квалификациите за СП во 2010 година. Неверојатно релаксираната атмосфера и го донесе на средбата називот „фудбалска дипломатија“.

Дијалогот треба да се поттикне

Во април годинава дојде до натамошен напредок во разговорите за меѓусебно приближување. Тогаш за првпат во историјата турското радио емитуваше програма на ерменски јазик. Покрај тоа американскиот претседател Барак Обама за време на неговата посета на Босфорот се сретна со шефовите на дипломатии на Турција и Ерменија како и со нивниот колега од Швајцарија. „Не сакам да се фиксирам на моите погледи, туку на оние на Ерменците и Турците. Кога тие имаат напредок и кога се обидуваат да го обработат тешкото и трагично минато, тогаш и целиот свет треба да се обиде да го поттикне ова. Јас сакам притоа да бидам што е можно поконструктивен со цел ваквиот развој бргу да се поттурне напред“, порача Обама.

Протоколите ќе треба да ги ратификуваат парламентите

По денешното потпишување, протоколите треба да ја пројдат ратификацијата во парламентите во Анкара и Ереван. Овој процес би можел да трае подолго од посакуваното, зашто во Турција постојано можат да се чујат гласови дека пред официјалното воспоставување на дипломатските односи мора да се реши проблемот со регионот Нагорно Карабах, поради кој Анкара ги прекина односите со Ерменија во 1993 година.

Vertragsunterzeichnung Türkei und Armenien

Американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон ( десно) присуствуваше на церемонијата во Цирих

Од ерменска страна пак има негодувања поради тоа што во протоколите не се споменува одговорноста за масовните убиства на Ерменците за време на Османлиското царство, ниту пак ерменските територијални претензии во источна Анадолија. „Успехот на овие протоколи зависи од тоа дали на владите во Турција и во Ерменија ќе им успее да се справат со националистичките реакции. Се’ уште е рано да се биде оптимист“, вели поранешниот уредник на ерменско-турскиот весник „Агос“, Ајдин Енгин.

Наредната среда се игра возвратниот квалификациски натпревар меѓу двете земји. Во турскиот град Бурса се надеваат дека меѓу гледачите ќе биде и ерменскиот претседател Серш Саргсјан.

Автор: Улрих Пик / Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска