1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Хофенхајм ја освои есенската титула

Хофенхајм е есенски фудбалски првак во Германија. По 45 години, во Бундеслигата се случи чудо. За првпат еден тим, дебитант во елитното друштво, стигна до есенскиот трон. Баерн Минхен ќе презими на втората позиција.

default

Играчите на Хофенхајм

Фудбалскиот клуб Хофенхајм, од малото истоимено место во Германија, кое има само 3.500 жители, се најде на врвот во германскиот фудбал. Тимот што го предводи Ралф Рањик, пред една и половина година ја напушти регионалната лига. Во првиот сезонски настап во Бундеслигата стана есенски шампион. Хофенхајм до титулата дојде по вчерашниот трилер натпревар против Шалке 04. Тешко извојуваното реми од 1:1 беше доволно за освојување на првото место на табелата. Хофенхајм имаше негатива од 1:0 до 77. минута, кога на сцена стапи капитенот Селим Тебер. Тој го постигна израмнувачкиот гол што предизвика ерупција од воодушевување кај домашната публика и жителите на селото Хофенхајм.

Капитенот Тебер по натпреварот изјави дека е многу горд и радосен за постигнатите резултати во првиот дел од првенството. Тренерот на Хофенхајм, Ралф Рањик, исто така, се радува на есенската титула. Сепак, тој е само половично задоволен од вчерашното издание на своите избраници во дуелот против Шалке. Рањик изјави дека ќе бил уште порадосен доколку трите бода останеле во Хофенхајм. Тој најави дека зимската пауза треба да се искористи за стабилизирање и постигнување на уште подобри резултати.

Штутгарт го запре Баерн

Хофенхајм е прв на табелата со 35 освоени бодови. Идентичен бодовен скор има Баерн Минхен, но со послаба гол-разлика. Баварците, се чини, самите ја пропуштија можноста да презимат на врвот на табелата. На гостувањето во Штутгарт, против истоимениот противник, Баерн до 90-тата минута од натпреварот имаше предност од 2:1. Кратко пред последниот судиски свиреж, домаќинот изведе корнер по кој Сами Кедира со извонреден потег го постигна голот за израмнување.

Fussball Bundesliga VfB Stuttgart gegen Bayern München Tim Borowski

Од дуелот Штутгарт-Баерн

Тага кај баварците, радост за домашните играчи, предводени од тренерот Маркус Бабел. Стратегот на Штутгарт изјави дека се радува за неговите момчиња кои дале одлична партија.

На есенската титула се надеваше и Баер Леверкузен. Сепак, популарните „фармацевти“ во последното коло разочараа во дуелот против Енерги Котбус, во кој одиграа само 1:1. Домаќинот долго се мачеше да го најде патот до голот на противникот. Тоа му успеа на Симон Ролфес дури во 77. минута. Шокот следуваше во финишот кога Котбус израмни со голот на Шао. Тренерот на Баер, Бруно Лабадија по натпреварот не го криеше задоволството.

Вердер разочара, Херта изненадува

Со еден бод повеќе од Баер, на третата позиција се проби Херта Берлин, која во последното коло го декласираше Карлсруе со 4:0. Ова беше петта едноподруго победа за Херта за домашен терен. Со идентичен број бодови, но послаба гол разлика од Херта, на делбата на третата позиција е тимот на Хамбургер кој минимално со 1:0 го совлада Ајнтрахт Франкфурт. Борусија Дортмунд, со победата од 2:1 против Борусија Менхенгладбах, се проби на одличната шеста позиција на табелата со 29 бодови. Следува Шалке 04 со два бода помалку. Осми е Вердер Бремен. Тимот на тренерот Томас Шаф, во есенскиот дел разочара. Имаше големи осцилации во играта, не само во домашното првенство, туку и во Лигата на шампионите, каде што ги заврши натпреварите. Есенскиот дел од првенството Вердер го заврши со триумф од 2:1 против Волфсбург. Зимската пауза ќе му дојде добро на Томас Шаф да ги подготви своите играчи за натамошниот дел на шампионатот и натпреварите во Купот на УЕФА.

Еден бод помалку од Вердер има Штутгарт, кој ќе презими на десеттата позиција на табелата. Штутгарт во првиот дел од првенството имаше големи проблеми. Слабите резултати беа повод за отказ на тренерот Армин Фе.

Fußball-Bundesliga 1. FC Köln Christoph Daum

Кристоф Даум е оптимист

Неговиот наследник, Маркус Бабел, засега добро се снаоѓа. На 11-тата позиција е тимот на Келн, кој има 22 бода. Избраниците на тренерот Кристоф Даум во последниот дуел против Бохум на гостински терен освоија значајна победа од 2:1. Многу важни три бода за зачувување на самодовербата. Тренерот Даум е задоволен и предвидува добра иднина за неговиот тим, кој сака долгорочно да се етаблира во Бундеслигата. По поразот од Келн, Бохум остана на претпоследната позиција со само 11 бодови. Во опасната зона се Хановер и Арминија Билефелд, кои во саботата ремизираа, 1:1. Хановер е 13-ти со 17 бодови. Арминија е едно место подолу со три бода помалку. Карлсруе е 15-ти со 13 бода. На последната позиција е Борусија Менхенгладбах со 11 освоени бодови.