1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Хор на сениори „Рајот може да почека!“

Во хорот „Рајот може да почека“ членуваат сениори кои го сакаат пеењето. На репертоарот нема фолк-песни, туку нумери од топ листите. Стари луѓе, а младешки песни - тоа е можно, велат сениорите и раководителот на хорот.

Кој пее со сета душа, смее понекогаш да пее и фалш.

Хорот на сениори од Хамбург „Рајот може да почека“ е составен од 32-ца аматери кои го сакаат пеењето. На репертоарот нема фолк-песни, туку рок и поп нумери од топ листите.

Генерацијата 70+ не се стеснува од песните од рок-сцената. Дамите во моментов вежбаат песна на американскиот панк-бенд Грин Деј.

Јан Кристоф Шајбе, раководител на хорот, раскажува:

„На сите што дојдоа претходно им реков: ’Ако сакате да го пеете познатиот стар репертоар, одете во други хорови.’ Хајџи бумбајџи бум бум се пее насекаде. Ако сакате да правите нешто што вообичаено не го правите, тогаш овде сте на вистинско место. Мислам дека оние што се овде тоа го имаат и сфатено.“

Никој не е престар за рокенрол. Особено не ако се имаат неколку децении искуство. Пејачката во хорот, Ханелоре Шмит-Којне, вели:

„Често се вели ’изгледаш помлада’, но што имам од тоа? Сите луѓе сакаат да остарат, но никој не сака да биде стар. Тоа е некако глупаво.“

Thalia Theater Hamburg Gaußstraße

Театарот „Талиа“ во Хамбург - место каде што со пеење почнала Ханелоре Шмит-Којне

Ханелоре Шмит-Којне уште како дете стоела на бина. Почнала по Втората светска војна во театарот „Талиа“ во Хамбург. Прво имала само улоги со текст, а потоа дошле и танцот и пеењето. Меѓутоа, за живот заработувала пред се‘ како продавачка.Како дел од еден пејачки дует стигнала дури и на телевизија

„Посебно ми се допаѓа она од Ханс Кларин, не знам дали е точно: ’Не прекинувај да почнуваш, не почнувај да прекинуваш’“, вели Ханелоре Шмит-Којне и додава:

„Кога ги добивме новите песни, не само јас, туку многумина од нас се прашуваа: ’Што е ова? Воопшто не ни се познати.’ Но колку повеќе се занимававме со нив, толку повеќе задоволство ни причинува. Во меѓувреме, песните навистина ни се допаѓаат, или како што се вели во една од нив - за жал супер.“

Речиси супер. За да биде сосема супер, сениорите вежбаат се‘ уште.

Јан Кристоф Шајбе, раководител на хорот, е убеден:

„Кога еден стар човек пее нешто што инаку го пее 25-годишник, тогаш песната добива ново значење. Текстот добива длабочина, мелодијата добива порака која порано ја немала. Тоа е она што ме интересира.“

Reeperbahn im Hamburger Stadtteil St.Pauli

Хорот на сениори сега настапува во познатиот кварт Репербан во Хамбург

Сениорите со младешки песни се барани. Тие настапуваат во реномираниот театар „Санкт Паули“ во Хамбург, во светски познатиот кварт Репербан.

25 нови песни кои претходно речиси и не ги знаеле. Ханелоре Шмит-Којне не се предава и по пробата вели: „Доживеавме уште нешто. Јасно, има уште некои несигурности, неколку текстови што мора да се научат, но ќе успееме. До премиерата се‘ ќе биде како што треба.“

Се викаат Хорст, Ханелоре, Хелга или Гундула. Пејат младешки песни, не секогаш перфектно, но од сесрце. И го слават животот.