1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

„Хомо балканикус“ – мачо мажи во Југоисточна Европа

Со развиени мускули, новопечени богаташи и хипермажествени – овој балкански идеал за машкиот изглед истражувачот Габриела Шуберт го означува како „хомо балканикус“.

Во нејзиното истражување за мажественоста и женственоста во Југоисточна Европа, професорката по славистика од Универзитетот од Јена проучува што се крие зад мачо изгледот во овој регион.

Со златни синџирчиња и автомобилски клуч од Мерцедес гордо се натпреваруваат меѓу себе. Најмалку два скапи смартфони лежат на масата, за да им покажат на дамите со кого си имаат работа – најдобро уште пред да ја проговорат првата реченица. Така за многу мажи изгледа идеалниот начин да освојат девојки.

Prof. Gabriella Schubert

Професорката по славистика на Универзитетот во Јена Габриела Шуберт

Германските жени филозофираат во фељтоните во весниците за тоа дали денес локалните мажи се многу срамежливи, неодлучни и женствени. Но, кај „хомо балканикусот“, кој научникот Габриела Шуберт го опишува во својата студија, не се поставуваат овие проблеми. Неговиот заштитен знак се мачо однесувањата, опишува професорката по славистика, по потекло од Унгарија.

„Според моето мислење, ’хомо балканикус’ е тип на маж, кој произлезе од политичките промени и тоа од различни слоеви на општеството. Во некои случаи за жал и од многу сомнителни околности. Тоа значи дека тоа се луѓе кои го искористија несигурното и хаотично време на пресврт за на различни начини да дојдат до богатство“, вели професорката Шуберт.

Мачо мажи од сомнителни средини

Овие патишта честопати се нелегални. Многу мажи од оваа нова елита произлегоа од гангстерски кругови, телохранители и од љубители на боречки спортови. Тие носат елеганти костуми и се доживуваат како модерни мажи, но нивната претстава за жените е останата некаде во минатото.

„Од една страна, ја користат модерната техника, секако електронската техника и автомобилите, а од друга страна го негуваат мачо однесувањето, кое жените посебно го преферираат, што точно одговара на нивниот сексистички вкус“, забележува професорката Шуберт.

Südländischer Macho

Професорката Шуберт однесувањето на мажите на Балканот го именува со „хомо балканикус“

Пред се’ тоа се жени, кои се претставуваат како секс-бомби и на задоволство на „хомо балканикус“ ги нагласуваат нивните бујни гради со најможните тесни парчиња облека. Таквите примери не се непознати ниту за западните земји, но се чини дека во Југоисточна Европа жените почесто се расположени да одговорат на очекувањата на мажите, дали во стилот на облекување или, пак, во кујната. Нивните мајки и баби несвесно честопати ги подготвувале за тоа, преку воспитувањето.

Во заднината на овие родови стереотипи во Југоисточна Европа се крие длабоко вкоренета традиција – стариот патријархат на Балканот. Габриела Шуберт го опишува како многу строго структуран социјален поредок. Фамилиите се држат меѓусебно, за да можат во тешките времиња економски да преживеат. До денес во Албанија и на Косово се’ уште има примери на форми на големи фамилии, кои функционираат по старите шаблони. Поради тоа, се’ уште семејствата и општеството често ја дефинираат жената преку нејзината улога на мајка, а во идеален случај како мајка на момчиња.

„Ако таткото нема син, тогаш тоа е недостаток, бидејќи машката линија мора да се продолжи“, оценува професорката Габриела Шуберт.

Денес работите полека се менуваат

Miss Plastic Ungarn

Во кратка и тесна облека, на високи потпетици, добра мајка и домаќинка со еротски изглед - тоа е идеалната жена за „хомо балканикус“

Во однос на традиционалната мајчинска улога на жените ништо суштински не се промени ниту за време на социјализмот, објаснува професорката од Јена. Навистина жените работеа полно работно време, но и по долгиот работен ден, во фабрика или во канцеларија, мораа сами да се справат со целата работа во домот. Дури и воспитувањето на децата се’ уште се смета како женска работа. Машкиот „хомо балканикус“ се чувствува повикан за повисоки задачи. Тоа значи, тој со своето пиво да ужива пред телевизорот, додека неговата љубена ги извршува домашните задачи.

Спротивно на тоа, од жената се очекува да заработува пари, да биде перфектна домаќинка и мајка и истовремено еротски да изгледа. Најдобро е кога влегува со високи потпетици и мини здолниште во детско игралиште, дури и 20 години по политичкиот пресврт.

Но, Габриела Шуберт забележува дека полека се менува традиционалната слика за улогите. Младите жени од Југоисточна Европа патуваат се' почесто во странство и доживуваат дека има и поинакви примери – жените се однесуваат според сопствените убедувања. Веројатно во иднина ќе биде уште потешко за „хомо балканикусот“ да си најде партнерка.