1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Холандија виновна за смртта на тројца муслимани во Сребреница

Холандската држава е виновна за смртта на тројца босански муслимани кои биле исфрлени од зоната на ОН во Сребреница во 1995 година, одлучи Врховниот суд.

Судијката Флорис Бакелс ја потврди претходната одлука на пониските судски инстанци по што семејствата на жртвите се расплакаа и се прегрнуваа од радост. Конечната одлука значи дека поранешниот преведувач на ОН, Хасан Нухановиќ, чии татко, мајка и брат беа убиени од српските сили откако холандските мировници ги исфрлија од базата на ОН, сега ќе може да бара и отштета од холандската држава.

Пресудата се однесува и на роднините на уште еден вработен во базата, електричарот Ризо Мустафиќ кој исто така бил убиен откако бил избркан од базата. Убиена била и мајката на Мустафиќ, но нејзината смрт не беше дел од актуелниот случај.

Трите жртви се само мал дел од проценетите 8 илјади муслимански мажи и деца кои беа убиени од силите на босанските Срби предводени од генералот Ратко Младиќ, кој без проблеми се справи со лесно вооружените холандски „сини шлемови“ и го освои градот кој важеше како безбедна енклава обезбедувана од ОН.

Денешното рочиште беше кулминација на процесот кој траеше речиси една деценија, откако во 2003. семејствата Нухановиќ и Мустафиќ поднесоа тужба против Холандија, тврдејќи дека трите жртви кои работеле во базата можеле да бидат спасени, доколку им било дозволено да останат во базата.