1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Хокејот се враќа во Македонија

По триесетгодишна пауза, се прават првите обиди за формирање македонска хокеарска лига. Но, дали е одбран вистинскиот момент за влегување во скапиот и специфичен проект?

default

Неупатените би прашале: зарем некогаш се играл хокеј во Македонија? Во 1970 година во Скопје се играше светско првенство во хокеј на мраз. Иако играа екипи од Ц групата, селекциите од светот играа на лизгалиштето на Кале со комплетна опрема. Македонскиот главен град беше етикетиран како најјужната хокеарска точка во Европа. На почетокот на 80-те години екипата на Макотекс од Скопје стигна до првата Југословенска лига. Вардар беше на прагот да стане прволигаш.

Меѓутоа, активностите нагло стивнаа и хокејот брзо згасна. Од пред неколку недели, на истото место, на лизгалиштето на Кале, по точно 22 години одеднаш се поајвија триесетина момчиња во хокеарска опорема. Ги раководи Томи Атанасовски, екс-хокеар на Вардар, сега директор и тренер на првата македонска репрезентација.

„Хокеарската федерација на Македонија почна активно да работи оваа година. Имаме окулу триесет хокеари, кои ќе бидат распоредени во два или три клуба и тоа ќе биде основа за формирање на хокеарската лига.“

Наскоро хокеарски објект во „Борис Трајковски“

Marjan Kapusevski

Марјан Капушевски

Лизгалиштето на Кале ја завршува својата мисија за оваа сезона, но хокерскиот тим наскоро ќе се пресели во спортскиот комплекс „Борис Трајковски“, во чии рамки набрзо ќе никне хокеарски објект од монтажен карактер. Директорот на центарот, Марјан Капушевски, вели дека ќе се игра хокеј преку целата година.

„Игралиштето ќе биде во функција 12 месеци, што е многу важно за активноста и реализација на тренинзите.“

За вложените средства во овој проект Капушевски вели:

„За овој проект се потрошени 340 илјади евра, а вклучени се оградата за хокеј, подлогата за хокеј и опремата. Средствата ги обезбеди владата на Република Македонија.“

Специчен и скап спорт

Tomi Atanasovski

Томи Атанасовски, тренер на хокеарскиот подмладок

Дека хокеарската федерација на Македонија се обидува да не биде организација само на хартија, иако е верификувана од ИХФ уште пред 10 години, е фактот дека се ангажирани тренери од Русија, кои ќе работат во наредните неколку години во Скопје. Исто така ангажирани се и двајца тренери од Украина за уметничко лизгање, додава Томи Атанасовски.

Тој вели дека во 2012 година Македонија ќе стартува во циклусот од квалификации за светското првенство.

„Следната година нашата репрезентација е пријавена да учествува во квалификациите во третата дивизија за светското прваенство, каде што се наоѓаат Јужна Африка, Мексико, Грција, Монголија. Тоа е последното скалило од кое мора да се почне. Со сегашните хокеари и оние кои се наоѓаат во странство ќе се обидеме да направиме нешто, а за 2013 година очекувам да имаме подобри услови за игра и подобра репрезентација.“

Не е спорно дека хокејот е исклучително атрактивен спорт, голем магнет за младите насекаде во светот. Но, факт е и дека со оглед на специфичноста, тоа е скап спорт. Останува да се види дали е избран вистинскиот момент за влез во проектот, кој бара големи вложувања за да успее.

Автор: Златко Калински

Редактор: Трајче Тосев