1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Хилари ја искористи последната шанса

Хилари Клинтон го победи Барак Обама на предизборите на американските Демократи во Пенсилванија со 55 спрема 45 насто. За номинацијата на претседателски кандидат ќе пресудат „суперделегатите“ на конгресот во август

default

Хилари Клинтон ја слави победата во Пенсилванија

„Некои луѓе ме отпишаа и велеа дека испаднав од трката, но американскиот народ не се откажува и заслужува претседател кој исто така не се откажува“, рече Хилари Клинтон во победничкиот говор. „Денеска овде во Пенсилванија направивте да се слушне вашиот глас и вие ја променивте ситуацијата“, нагласи таа.

Барак Обама го призна поразот: „Вечерва прво сакам да и’ честитам на сенаторот Клинтон за победата. Таа имаше извонредна трка. Сакам да им заблагодарам на стотици и илјадници Пенсилванци кои ја подржаа нашата кампања“.


Предизборите нема да донесат одлука


Сега, по четири месеципредизборна борба за номинација и последните големи предизбори во Пенсилванија е сигурно дека до партиската конвенција на демократите на крајот на август ниеден од двајцата кандидати не може да го освои неопходниот број на гласови на делегатите. А на конвенцијата, пак, главниот збор ќе го имаат 794-те суперделегати. Тоа по автоматизам се демократските гувернери, сенатори, пратеници, како и високи по ранг функционери на партијата.

Еден од нив е Сјузен Трнбул, заменичка на претседателот на Демократската партија Хауард Дин. Таа секојдневно добива по околу шестотини мејлови, најголемиот број од нив од двајцата претседателски кандидати. Некои се потпишани и од поранешниот претседател Бил Клинтон, кој неуморно се бори за подршка во име на својата сопруга Хилари. Трнбул вели: „Овој пат имаме многу тежок процес со нагласена конкуренција. Не се знае каква е состојбата. На партискиот конгрес ние сите ќе гласаме заедно со делегатите од нашите сојузни држави“.


„Суперделегатите“ ќе и’ бидат наклонети на Х. Клинтон?


Американските медиуми шпекулираат дека најголемиот дел од суперделегатите ќе гласаат за Хилари Клинтон, оти Клинтонови имаат извонредна мрежа на врски во партијата. Мери Џо Невил, суперделегат од Мериленд, сепак веќе е определена за Барак Обама: „Го подржувам Обама. Мислам дека поради тоа никој веќе не се јавува кај мене. Но, слушнав дека луѓето на Клинтон се обидуваат да влијаат кај суперделегатите да го променат мислењето“.

Кристин Пелоси е ќерка на Ненси Пелоси, спикер на американскиот Конгрес. Но, таа направи кариера независно од мајка и’ и е суперделегат од пред 12 години. Калифорнија, од каде доаѓа, се изјасни за Хилари Клинтон. Кристин е дипломатски воздржана: „Обврзана сум да гласам за кандидатот за кого гласаа најголемиот дел од избраните делегати за партиската конвенција“. А досега Обама има повеќе делегатски гласови. Тоа може да биде решавачко и на партискиот конгрес.

►◄