1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Хилари се враќа

Хилари Клинтон ја спаси својата кандидатура за претседателската номинација на Демократската партија, откако успеа да ја прекине низата од 12 победи едноподруго на ривалот Барак Обама.

default

Хилари Клинтон

Клинтон ја продолжи неизвесноста во трката кај демократите, откако победи во три од четирите сојузни држави каде вчера се одржаа партиски избори. Серијата на Обама прво беше прекината во Роуд Ајланд, а потоа следуваше победа на поранешната прва дама и во Охајо. Американските медиуми и новинските агенции предвидуваат дека Клинтон и ќе однесе победа и во Тексас. Неизвесноста е голема затоа што според последните податоци, разликата меѓу двајцата ривали е одвај неколку проценти во полза на Клинтон,

Обама успеа да победи само во Вермонт, но според првичните проценки ја задржа предноста од нешто помалку од сто делегатски гласови, пред се‘ поради комплицираниот изборен систем во партијата. Изборите во Тексас и Охајо се сметаа за решавачки, а очекувањата беа дека доколку на нив победи, Обама ќе биде сосема извесен кандидат на демократите. Во јавноста се шпекулираше дури и дека Клинтон ќе се повлече од трката доколку ги загуби овие две држави. Но, тоа не се случи и трката сега продолжува, а следниот дуел на Клинтон и Обама ќе биде во Пенсилванија.

Кај Републиканците е се‘ јасно

Сенаторот и воен херој, Џон Меккејн, ќе биде нивниот кандидат на изборите. Откако доцна синоќа победи во сите четири држави каде се одржуваа партиските избори, Меккејн ги повика сопартијците да се обединат околу неговата кандидатура: „Застанете со мене пријатели, застанете и борете се за Америка, за нејзината сила, за нејзините идеали и за нејзината иднина. Натпреварот почна вечерва“, објави Меккејн.

Тој сега ќе го очекува својот ривал од редовите на демократите, каде неизвесноста би можела да потрае и до август годинава, за кога е закажана партиската конвенција.