1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Хибридната пошта штеди време и пари

Во време на криза поштата успешно спроведе мерки за штедење. Но, предизвиците остануваат - се’ помалку луѓе испраќаат писма. Сите поштенски организации се борат со тој проблем. Дојче пост, се чини, најде еден одговор.

default

Писмо преку интернет

Кај Германската пошта расположението видно е подобрено, оти по големиот минус во 2008, концернот бележи позитивни резултати од работењето и во 2009 постигна добивка од 644 милиони евра. „Тоа беше енормно оптоварување за фирмата - барањата на клиентите останаа високи, а од друга страна дојде до досега недоживеан драматичен пад во волуменот на нивните потреби од услуги од поштата за 70 до 80 проценти“, прокоментира Ханс Апел, претседател на Управниот одбор на Дојче пост ДХЛ.

Алтернативна за класичното писмо е е-писмото

Дојче пост е најголем логистички концерн во светот. За пратките се грижат 125.000 вработени, кои годишно пренесуваат и доставуваат 70 милиони писма. Но, таа бројка постојано опаѓа, поради што Дојче пост бара алтернативи. Така, наскоро ќе има е-писмо, односно електронско писмо, кое за разлика од е-меиловите нема да може да се фалсификува.

Post E-Brief Brief Internet Cebit 2010

Е-писмо на Дојче пост

Веќе денес деловните клиенти можат да испраќаат и примаат писма без да им се трупаат купишта хартија. Во Франкфурт на Мајна секој ден пристигаат сандаци со писма за еден голем концерн, но нарачките и барањата примателот никогаш не ги добива на рака - барем не во хартиена форма. Дојче пост дополнително ја презема и севкупната обработка на деловната пошта. „Ние овде во шпиц-периоди добиваме до 20.000 пратки на ден. Услужуваме клиенти од целата индустрија, од јавниот сектор, на пример од осигурителните компании. Клиентите не сакаат веќе да си имаат работа со хартија, тоа ни го препуштаат нам и штедат време“, вели Холгер Шатке од Дојче пост.

Вработените во поштата, специјално обучени за заштита на податоци, ги отвораат писмата по налог на клиентите и ги сортираат според содржината. Ако клиентот изрази желба, како на пример властите минатата година кај премијата за расходување стари автомобили, поштата истовремено проверува и дали се барањата комплетни. Потоа писмата се скенираат и веднаш им стојат во електронска форма на располагање на клиентите: „Ако ние овде почнуваме во шест часот изутрина, клиентите, директно референтите, можат веќе од девет-десет часот да имаат пристап до сопствените податоци. Тоа значи дека ние на ова место се интегрираме во системите на клиентите и во процесите“.

Се’ повеќе филијали

Со оваа таканаречена „хибридна пошта“, односно електронска достава на хартиени писма, се штеди не само време, туку фирмите веќе немаат потреба од сопствена поштенска филијала и имаат помали трошоци за персонал. Понудата наидува на прифаќање, па во меѓувреме Дојче пост, освен во Франкфурт, има центри за скенирање и во Хамбург и Минхен. „Се' повеќе претпријатија, иако во тоа можеби и самите инвестирале, сега преоѓаат на барање услужни фирми кои тоа ќе го прават посигурно, можеби и поевтино“, вели Холгер Шатке од Дојче пост.

Писмата пристигнати изутрината, поштата ги чува уште неколку дена, за да не затреба случајно оргиналот. Потоа, по налог на клиентот, ги уништува.

Автор: Дан Хиршфелд/Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска