1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Хејг предупредува од колапс во Сирија

Шефот на британската дипломатија смета дека конфликтот во Сирија може да ги опфати и соседните земји. Руски брод со оружје, наводно се закотвил во сириско пристаниште

Европската унија подготви нови санкции против Сирија и ги повика другите земји да преземат слични чекори за да го засилат притисокот врз претседателот Башар ал-Асад за прифаќање на мировниот план на ОН и Арапската лига, изјави британскиот министер за надворешни работи Вилјам Хејг. Хејг ги повтори стравувањата на генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун дека 14-месечниот бунт во Сирија придобива религиозни обележја и се шири до степен да ги опфати и соседните земји. Сирија во моментов оди кон „тотална граѓанска војна или колапс“, изјави Хејг.

Руски товарен брод, за кој западни дипломати тврдат дека бил полн со оружје за сириската влада, се закотвил во сириското пристаниште Тартус минатиот викенд, соопшти организацијата за човекови права Хјуман Рајтс Фрст.

„Денешните ажурирани бази на податоци за бродовите покажуваат дека бродот ’Професор Катсман’ впловил во пристаништето Тартус на 26 мај 2012 година, пред да се упати во Пиреја во Грција“, изјави за Ројтерс Садиа Хамед од ХРФ.

Западни функционери изјавија дека имаат информации оти бродот превезувал оружје за сириската влада. Портпаролот на руската мисија во ОН рече дека ќе го испита случајот.

Хамед рече дека ХРФ го следела тој брод од 25 до 27 мај и дека открила дека „уредот што овозможува следење најверојатно бил исклучен на 26 мај“. Сирија е еден од главните купувачи на руско оружје.