1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Хејгел во Авганистан доби уверување за безбедносниот договор

Американскиот министер за одбрана Чак Хејгел денеска (7.12) изјави дека во Кабул добил уверување оти долго одложуваниот договор за престојот на американските сили во Авганистан по 2014 година ќе биде потпишан „навреме“.

Американскиот министер за одбрана Чак Хејгел во Кабул разговараше со својот авганистански колега Бисмилах Кан Мохамади, по што изјави дека бил уверен оти безбедносниот договор ќе биде потпишан „навреме. Хејгел додаде дека смета оти не мисли дека поголем американски притисок би бил од помош за авганистанскиот претседател Хамид Карзаи да се убеди да го потпише договорот. Хејгел во Авганистан допатува по посетата на Бахреин и нема намера да разговара со Карзаи. Авганистанскиот претседател, и покрај тоа што беше повикан од советот на авганистанските старешини Лоја Џирга да го стави потписот на договорот што поскоро, неодамна соопшти дека има намера потпишувањето да му го препушти на својот наследник. Претседателските избори во Авганистан треба да се одржат во април 2014 година. По ваквите изјави на Карзаи, американската советничка за национална безбедност Сузан Рајс побара „брзо“ потпишување на договорот, или во спротивно ќе бидат повлечени сите странски војници од таа земја.

„Ако договорот не биде брзо потпишан САД немаат друг избор освен да почнат со планирање за иднина, по 2014 година, во која во Авганистан веќе нема да има војници на САД или на НАТО“, изјави Рајс на разговорите со Карзаи во ноември годинава.

Договорот за безбедност ќе им дозволи на илјадници американски војници од сега присутните 75 илјади да останат во Авганистан и по планираното повлекување на силите на НАТО, на крајот на 2014. година. Тие ќе обучуваат авганистански војници и ќе набљудуваат како тие ја водат борбата со талибанците. За возврат, САД за своите војници барат правен имунитет пред домашните судови.