1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Херта Милер ја доби Светската награда за хуманизам

Светската награда за хуманизам, што по седми пат ќе ја додели Охридската академија на хуманизмот, во 2013-та ќе и‘ припадне на нобеловката Херта Милер, одлучи седумчлено меѓународно жири.

Прогласувањето на Милер за лауреат на наградата, како и во минатите години, ќе биде на 18 јануари, на свеченост во Охрид, во куќата „Уранија“ на МАНУ. Беседа за творештвото на писателката ќе одржи Јордан Плевнеш, а во нејзина чест ќе биде промовирано ексклузивно издание на нејзината книга „Животни во срцето”, на издавачката куќа „Феникс“.

Херта Милер е родена во 1953 година во Ницкидорф, мало место во Романија, во кое се зборува на германски јазик. Студирала германистика и романска книжевност. Како студент по германска и руска литература, Милер се спротивставила на режимот на Николае Чаушеску и се придружила на група дисидентски писатели, кои се залагале за слобода на говорот. Таа емигрирала во Германија во 1987 година по години поминати во прогони и цензура во Романија. Нејзино прво дело е збирката раскази „Надири“, напишани во 1982 година, додека работела како преведувач во една фабрика. Расказите биле цензурирани од романските власти и Милер била отпуштена од фабриката откако одбила да работи за тајната полиција Секуритате. Нецензурираниот ракопис на нејзиното дело „Низина“ бил прошверцуван и објавен во Германија и веднаш добил добри критики.

Нобеловата награда за литература Милер ја доби на 20-годишнината од падот на комунизмот во Европа. Објавувајќи ја веста за наградата, Шведската академија ја опиша како авторка која „со згуснатост на поезијата и искреност на прозата го слика пејзажот на обесправените“.

Херта Милер е авторка и на книгите: „Земјата на зелените сливи“, „Состанок“, „Тиранско танго“, „Пасошот“. Наскоро на македонски ќе излезе од печат и нејзиниот роман „Нишалка на здивот“.

Охридската академија на хуманизмот ја востанови наградата во 2007 година и им ја доделува на врвни личности од светската уметност, според традицијата на Св. Климент Охридски - основоположникот на првата Средновековна школа за хуманизам во Европа. Прв добитник на Светската награда за хуманизам беше јапонскиот будистички филозоф Даисаку Икеда, а во наредните години наградени беа: португалскиот синеаст Мануел де Оливеира, рускиот писател и нобеловец Александар Солженицин, индискиот композитор, хуманист и филозоф Рави Шанкар, театарскиот режисер и теоретичар Питер Брук, српската писателка Вида Огњеновиќ.