1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Хероинот стагнира, синтетичките дроги во подем

Во Германија повторно е во пораст бројот жртви од конзумирање дрога. Минатата 2008 година, стапката на пораст во однос на годината пред тоа изнесува 3,9%. Ова стои во годишниот извештај на германската влада.

default

Хероин

Погледнато во апсолутни бројки, во 2008 од претеран конзум на дрога умреле 1.449 лица. Во 2007 година нивниот број изнесуваше 1.394. „Според досегашните сознанија, најголемиот број смртни случаи поврзани со конзум на дрога минатата година се должат на преголема доза хероин, често во комбинација со алкохол и со средства за смирување“, појасни ополномоштеникот на германската влада за проблемите со дрогата, Сабине Бецинг.

Анализите покажуваат дека кај поголемиот број од смртните случаи станува збор за лица на возраст меѓу 35 и 40 години, но и постари. Исто така, седумдесет до осумдесет насто од нив починале во приватен простор. Значи, сликата за млади кои умираат од преголемо количество дрога во тоалет на некоја железничка станица е веќе минато минатото, појасни Сабине Бецинг.

Експертите, меѓутоа, предупредуваат дека наредните години ќе се зголемува бројот на жртви од дрога - пред се’ поради споредните заболувања, на коишто им подлежат зависниците. Станува збор за голем број лица заразени со „хепатитис ц“, како и за цироза на црниот дроб, што настанува како последица на претераниот конзум на дрога.

Позитивно влијание на владините мерки

Ополномоштеникот на германската влада за проблемите со дрогата, Сабине Бецинг, оцени дека посебните установи што нудат контролирано конзумирање дрога за најтешките зависници играат позитивна улога. Тие придонеле за намалување на стапката на смртност.

Deutschland Jugendschutz Drogenbeauftragte der Bundesregierung Sabine Bätzing

Ополномоштеникот на германската влада за проблеми со дрогата, Сабине Бецинг

Исто така, како позитивна мерка Сабине Бецинг ја оцени терапијата со метадон и бупренорфин, како средства што ја заменуваат тешката дрога. Таа се залага и за вклучување на вештачкиот хероин во редовното снабдување на најтешките зависници, но тоа е се’ уште оспорувано во политичките кругови: „Кога овие понуди за преживување ќе ги вклопиме во сеопфатен систем на помош, тогаш ќе можеме да дојдеме до сите зависници од опијати, кои поради нивната зависност трпат долгогодишни тешки оштетувања на здравјето и на нивниот социјален живот. Конзумот на опијатите, посебно на хероинот стагнира, но за жал на високо ниво.“

Синтетичките дроги во подем

Сабине Бецинг исто така оцени дека полициските мерки на иследување и казнување не се доволно средство за надминување на целата проблематика. Шефот на Службата за борба против криминалот, Јерг Цирке, при претставувањето на извештајот во Берлин соопшти дека бројот на нови зависници од тешки дроги се зголемил за три насто. Силен пораст од седум насто до девет насто бележат синтетичките дроги, како екстази, ЛСД и амфетамините.

Deutschland Terror BKA Jörg Ziercke

Јерг Цирке, шеф на германската Служба за борба против криминалот

Забележан е пораст и кај зависниците од кокаин, но за четири насто. Хероинот, крекот и кристалниот метамфетамин, пак, бележат негативни стапки. „За прв пат регистриравме повеќе нови зависници од кокаин, отколку од хероин. Се чини дека трендот гласи: повлекување од валканиот хероин и свртување кон, наводно, почистата монденска дрога - кокаинот“, појасни шефот на Службата за борба против криминалот, Јерг Цирке.

Но, тоа е илузија, бидејќи експертите го проценуваат потенцијалот за создавање зависност од хероинот и од кокаинот како еднакво голем, односно опасен.

Глобализација на бизнисот со дрогата

Шефот на Службата за борба против криминалот, Јерг Цирке, посочи дека во 2008-та во Германија биле запленети 503 килограми хероин во вкупно 6.600 акции на полицијата, но веднаш додаде дека бизнисот со дрогата бележи растечка глобализација, така што националните статистике не се доволно веродостојни.

Drogen sichergestellt

Полицаец во Хамбург покажува вреќички со запленет кокаин прошверцуван од Африка

Во врска со илегалните пратки на хероин, германските служби ја посочуваат Турција како главен снабдувач на германскиот пазар. Од Турција преку другите Балкански земји и преку Италија и Австрија, дрогата стига во Германија. Покрај Германија важна дестинација за испорака на дрога е Холандија. Од таму пак доаѓаат амфетамини, оценува Јерг Цирке: „Главно Холандија се јавува како произведувач на амфетамини на пазарот. Но, тие се шверцуваат и од Полска, од Белгија и од Чешка.“

Што се однесува до кокаинот, како земји на потекло или на транзит се забележани најчесто Бразил, Перу и Аргентина. Но, голема улога игра и шверцот на кокаин од Западна Африка кон Европа.