1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Хендел - музички космополит

На денешен ден пред 250 години почина композиторот Георг Фридрих Хендел. Ги владеел сите музички стилови на своето време, живеел во Германија, Италија и Англија, бил славен како денес некоја поп-ѕвезда.

default

Георг Фридрих Хендел (1685-1759)

Георг Фридрих Хендел е од оние духовни великани во германската историја кои патуваа и живееја во далечни предели, како и писателот Јохан Волфганг Гете, на пример, за разлика од филозофот Имануел Кант, кој цел живот го мина во Кенигсберг, или композиторот Јохан Себастијан Бах, кој не отиде подалеку од Тирингија и Лајпциг. Во родната куќа во градот Хале на дер Зале денеска се отвора голема изложба за животот и делото на големиот композитор Георг Фридрих Хендел. Филип Адлунг, раководител на музејот, вели: „Тој ги владееше сите музички стилови на неговото време, зборуваше многу јазици - значи, беше вистински Европеец пар екселанс, и тоа го прави и денес толку актуелен и возбудлив за нас“.

Хамбург прва станица од преселбите на Хендел

Deutschland Bildgalerie Händel Festjahr 2009 Geburtshaus in Halle

Родната куќа и музеј на композиторот во градот Хале ан дер Зале

Во детството и младоста белег врз Хендел оставила музичката традиција на централна Германија. Тогаш го учел музичкиот контрапункт и свирење на оргули и веќе диригирал со изведба на кантати за време на богослужби. Од тоа време е останато едно дело, за кое може само да се претпоставува дека го напишал младиот Хендел.

На 18-годишна возраст му станал претесен неговиот роден град, го занимала операта и отишол во Хамбург, каде тој музички жанр доживеал прв процут во Германија. Хендел во прво време свирел во оркестар. На 8 јануари 1705 таму била изведена и неговата прва опера „Алмира“, дело целосно напишано во стилот на германската композиција од тоа време. На младиот Хендл наскоро му станало јасно, дека ако сака да компонира во духот на времето и да постигне успех, мора да го владее италијанскиот стил.

Пробив во Венеција, славен во цела Италија

Großbritannien Bildgalerie Händel Festjahr 2009

Голем дел од животот Хендел поминал во Лондон

На почетокот од наредната година се упатил преку Алпите. Во Венеција, Рим, Фиренца и Неапол поминал вкупно 4 години. И покрај скудните извори на информации, може да се каже дека бил славен како некоја поп-ѕвезда денес. Кога композиторот Доменико Скарлати го слушнал како инкогнито, под маска, свири чембало на некој бал во Венеција, наводно рекол: „Ова е или прочуениот Саксонец, или ѓаволот“.

Првиот голем оперски успех Хендел го доживеал во Венеција со делото „Агрипина“. Може да се претпостави дека Хендел сакал засекогаш да остане во Италија, оти таму нашол мецени и поддржувачи како римскиот кнез Русполи. Но, во 1709 му било понудено местото на шеф на оркестарот на кнезот Георг Лудвиг фон Хановер, на кое останал само до крајот на наредната година. Тогаш отпатувал во Лондон, каде дејствувал, со мали прекини, се’ до крајот на животот.

Хендл во Лондон создава нов, сопствен музички жанр

Großbritannien Bildgalerie Händel Festjahr 2009 Themse

Хендел во гондола на Темза во Лондон - уметничко дело од 18 век

Во градот на Темза Хендл ја донел италијанската опера до дотогаш невиден процут. Во неговиот Кинг’с театар ги имал на располагање најдобрите оперски пејачи на тоа време. По успесите со опери како „Радамиста“, „Џулио Чезаре“ или „Роделинда“, почнала да паѓа популарноста на Хендел и неговата приватна опера. Лондонската публика не сакала веќе долги арии - уште и на јазик што не го разбира. Тогаш се покажало колку бил тој способен за преобразба како композитор. Околу 1740 започнал да креира нов, сопствен жанр: англиски ораториум со арии, и, пред се’, со големи свечени хорови.

Хендел се покажа како голем музички космополит токму со своите подоцнежни ораториуми. Покрај хорски композиции, пишувани во строг германски стил, што го научил уште на почетокот во Хале, тука се и арии со италијанско потекло, потоа француски увертири, како и карактеристична англиска свечена хорска музика.

Само неколку денови пред смртта, на Велика сабота во 1759, Хендел самиот свирел на оргули на изведбата на неговиот најпрочуен ораториум „Месија“. „Алелујата“ од тој ораториум е денес неговата најпозната композиција и надвор од границите на Европа.

Автор: Клаус Фишер / Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска