1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Хезболах го организирал нападот во Бургас

Бугарските власти денеска излегоа со официјален став во врска со нападот кој се случи во јули минатата година. Зад убиството на израелските туристи стои Хезболах

Две лица поврзани со либанската терористичка група Хезболах биле вмешани во бомбашкиот напад врз автобус во бугарското летувалиште Бургас во кој загинаа пет израелски туристи во јули минатата година, соопшти бугарското Министерство за внатрешни работи.

Заклучоците на бугарската истрага би можеле да го отворат патот за и ЕУ да им се придружи на САД во ставањето на Хезболах на листата на терористички организации, бидејќи сега постои јасна врска со нападот на територија на ЕУ. Хезболах е моќна шиитска милиција која во моментов е дел од владата во Либан.

Вкупно три лица биле вмешани во нападот во Бургас. Од нив двајца имале пасоши од Австралија и Канада, изјави бугарскиот министер за внатрешни работи Цветан Цветанов.
„Утврдивме дека двајца биле членови на милитантното крило на Хезболах. Постојат податоци кои укажуваат на финансирање и поврзаност меѓу Хезболах и двајцата осомничени“.

Веднаш по нападот, во кој загинаа петмина израелски туристи и нивниот бугарски возач, Израел  ги обвини Иран и Хезболах за неговата организација. Техеран експресно демантираше вмешаност, додека Хезболах до денес нема јавно одговорено на обвинувањата.

Во август минатата година Холандија ја повика ЕУ да го следи примерот на САД и да го стави Хезболах на листата на терористички организации, со што би се отворил патот и за замрзнување на финансиските активности на оваа организација во Европа.