1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Хашкиот трибунал бара 28 години затвор за Шешељ

Хашкото обвинителство побара 28 години затворска казна за лидерот на Српската радикална партија Воислав Шешељ, соопшти обвинителот Матијас Маркусен во изнесувањето на завршните зборови во судскиот процес.

Шешељ е обвинет за воени злосторства и злосторства против човештвото кон несрпското население во делови на Босна и Херцеговина, Хрватска и Србија во периодот од 1991-1994 година. Тој доброволно му се предаде на Хашкиот трибунал на 24 февруари 2003 година.

„Неговите злосторства заслужуваат казна соодветна на нивната сериозност и нема никакви олеснителни околности. Обвинетиот е одговорен за страдањата, предизвикани врз десетици илјади жртви, кои биле протерани од своите домови, убивани, апсени, малтретирани“, истакна Маркусен.

Обвинителот нагласи дека лидерот на српските радикали е одговорен што доброволците, кои ги „собирал, организаирал и контролирал“, ги извршиле „некои од најжестоките злосторства“ и дека тој „ги поттикнувал, им помагал и ги поддржувал“.

„Доказите без сомнение потврдуваат дека Шешељ бил учесник во криминалната иницијатива за создавање на одвоена српска држава - Голема Србија“, додаде хашкиот обвинител. На крајот од своето излагање Маркусен потенцираше дека Обвинителството ја смета за докажана вината на Шешељ и побара од Хашкиот трибунал да го прогласи за виновен по сите девет точки од обвинението.

Шешељ, кој се брани самиот, тврди дека не е виновен и го смета процесот против него како заговор за негово отстранување од политичката сцена.

Автор: АТ/ АМ/ миа

Редактор: Е. М. Фиданоска