1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Хауит: Одблиску ги следиме состојбите со медиумите

„Не само соседите, туку и дел од членките на ЕУ не се убедени дека Македонија ги исполнува копенхашките критериуми. Прашање е како да се убедат“, истакна известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Ричард Хауит.

На Македонија и‘ е потребно во декември да добие датум за старт на пристапните преговори со ЕУ. Статус кво ситуацијата не е добра за земјата, истакна известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Ричард Хауит на денешната седница на Националниот совет за евроинтеграции, посветена на Извештајот на ЕК за напредокот на земјата во 2013. година.

„Коментарите коишто ги давам во Брисел јасно покажуваат дека оваа земја не може да остане во статус кво позиција. Се одбиваат аспирациите за членство на оваа земја година по година, а секако тоа има влијание врз напредокот. Со ова сакам да продискутирам за тоа колкаво е влијанието на ваквите одбивања, затоа што тоа може да биде еден од одлучувачките аргументи во Брисел. Тоа ме води до моето последно прашање - како да го урамнотежиме ова прашање пред Советот за министри. Верувам дека Европскиот парламент ќе се искоординира со Европската комисија околу препораката. Исходот од процесот ќе биде добар, но мислам дека тоа нема да го добиеме од Европскиот совет. Ставот на ЕК, на ЕП, како и мојот став е дека копенхашките критериуми се доволно исполнети. И фер е да се каже дека дел од земјите членки на ЕУ не се согласуваат со ова. Значи не се работи само за вашите соседи, туку тоа се повеќе земји членки на ЕУ. За тоа треба да дискутираме пред декември - што да направиме за да ги убедиме тие земји членки кои не се убедени дека Копенхашките критериуми се доволно исполнети“, рече Ховит. Според него, Извештајот за напредок е особено важен и добар за земјата.

Нема големи економски предизвици, но во поглед на законодавството, слободата на движење на капиталот и стоките има постигнато помалку.

„Но, мислам дека е важно да покренеме некои прашања коишто мора да бидат разгледани во поглед на достигнувањата и натамошни подобрувања кои треба да се направат за земјата, рече Хауит.

Во тој контекс тој се осврна на договорот со Руската Федерација за гасоводот и колку е тој компактибилен со целите на Македонија, за потребата од натамошен напредок во борбата против корупцијата, во судството, исполнување во целост на Охридскиот рамковен договор, како и исполнување на препораките на Анкетната комисија за настаните од 24 декември.

Во однос на слободата на медиумите, Хауит потенцира дека тоа е важно прашање кое е многу чувствително во овој период во земјата, а за кое, додаде, постои високо ниво на грижа во Брисел.

„Ние одблиску ги следиме дискусиите за Нацрт-законот за медиуми, а тука е и случајот со Кежаровски. Има и прекин во дискусиите помеѓу Владата и ЗНМ“, рече Хауит.

Вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими, пак, истакна дека реформите и отворениот и конструктивен пристап кон соседите се два комплементарни аспекта, кои не се супститути кои се заменуваат едни со други.

„Убедени сме дека реформите без решавањето на спорот за името или пак решавањето на спорот за името без реформите не се доволни за интегрирањето во ЕУ. Тие две заедно ќе ни обезбедат добар пат кон ЕУ“, рече Бесими.

Тој се осврна на придобивките од пристапниот дијалог на високо ниво со ЕК како на битен инструмент за одржување на динамиката на Европската агенда во земјата, но оти на земјата и‘ е потребен датум за почеток на преговорите со ЕУ.

„Овој механизам е битен, но не е доволен и не е замена за вистинските преговори. Тоа за што Македонија има потреба сега се почетокот на преговорите, односно вистински преговори како што забележува Извештајот во неговата препорака. Тоа ќе придонесе уште повеќе за внатрешните реформи како во интензитет така и во квалитет, а ќе придонесе и за решавање на споровите како тој со Грција и за унапредување на добрососедските односи. Датумот за преговори за нас е можност и одговорност плус да докажеме со сите аргументи дека Македонија не само што сака, туку работи и е подготвена да почне со следната фаза со пристапување кон ЕУ“, подвлече Бесими.

На седницата на Националниот совет се обрати и претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, кој истакна дека случаите како со новинарот Томислав Кежаровски ќе го влошат имиџот на Македонија и ќе влијаат врз јакнење на самоцензурата.

„Во секој Извештај на ЕК за Македонија постојано е посочувано дека во медиумите е присутна самоцензура. Ако не се поништи ваквата пресуда не само што нема да ја ослабеме самоцензурата во медиумите, туку уште повеќе ќе ја зајакнеме што, пак, негативно ќе се одрази врз квалитетот на медиумските услуги, понудата и правото на јавноста да добие точни и избалансирани информации“, рече Селмани.

Тој ги повика пратениците да ја поддржат идејата за повлекување на законите за медиуми од собраниска процедура и новинарите повторно да се вратат на преговарачка маса со Владата за да се надминат разликите.