1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Хауит: За Македонија е изгубено многу време

Известувачот за Македонија во ЕП Ричард Хауит се заложи следното претседателство со Унијата на Грција да обезбеди политички предуслови за решавање на спорот со името меѓу Атина и Скопје.

Како одговор на објавениот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија, Ричард Хауит, член на Европскиот парламент и одговорен за преговорите за Македонија вели дека е загубено многу време.

Хауит, кој помогна за постигнување на Мартовскиот политички договор со што се заврши бојкотот на Собранието, на дебатата рече: „Изгубивме премногу време за оваа земја, а во суштина земјата само се врати таму каде што беше во декември лани. Нашата заедничка задача е да ја оживееме надежта за прогрес“.

По петата по ред препорака за почеток на преговорите, објавена од комесарот за проширување, Штефан Филе, Хауит повика на политичка воља, но предупреди и за влијанието врз земјата „со најдолг стаж како ЕУ кандидат“, ако нејзиниот статус остане непроменет.

Според него, во годината кога се прославува приклучувањето на Хрватска кон ЕУ, а и можноста Албанија да се стекне со статус кандидат, треба да се биде свесен за влијанието врз Скопје, ако земјата повторно биде оставена да чека.

„Се надевам дека комесарот се согласува со мене дека политичка воља од сите страни е потребна, од властите во земјата секако, но и иста политичка воља од соседните земји, а секако и од Европскиот Совет“, рече Хауит.

Тој е задоволен од неодамнешната изјава на министерот за надворешни на Грција кој повтори дека проширувањето на ЕУ е приоритет за време на грчкото претседателство.

„Се надевам дека претседателството може да помогне во придонесување кон политичка воља за решавање на спорот со името, со компромис прифатлив за сите страни“, додава Хауит. „Знам дека комесарот препорачува решавањето на спорот со името да се случи во раната фаза по почеток на преговорите, но дозволете тие да почнат сега.“

Тој рече дека е свесен дека почетокот на преговорите за поглавјата 23 и 24 кои се однесуваат на владеење на правото, човековите права и демократијата, ќе загрижат некои членки на ЕУ, за земјата.