1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Хауит за ДВ: Постигнат е навремен договор во Македонија

Ричард Хауит, известувачот за Македонија во Европскиот парламент, смета дека ВМРО ДПМНЕ и СДСМ постигнаа „навремен заклучок, кој може позитивно да влијае на извештајот“ за Македонија. Што треба властите да применат?

„Го поздравувам фактот дека комисијата постигна договор и што го направи тоа со консензус меѓу различни политички партии. Сакам да го проучам договорот во детали, но можам да видам дека е возможно локалните политички партии да создадат договор со наша помош - од ЕУ и од надвор“, вели европратеникот Ричард Хауит во изјава за Дојче веле.

„Посебно лично сум задоволен што е постигнат пробив и договор во анкетната комисија, а заклучокот е многу навремен и дава изгледи за позитивно влијание на извештајот од Европската комисија за напредокот во оваа година“, додава Хауит.

Европските функционери сега очекуваат примена на договореното. А, за што всушност се договорија ВМРО ДПМНЕ и СДСМ?

Во потпишаниот извештај на анкетната комисија стои дека „различните толкувања на применетата легислатива (...) предизвикаа ескалација на настаните“. „Како фактор што предизвикува конфликт во работата на парламентот“ се посочува „отсуството на ефективен капацитет за надминување на спорови“.

Во извештајот на анкетната комисија се забележува и дека „координацијата очигледно не функционира онака како што е предвидена“, како и дека „отсуството на стратегија за справување со медиумите во кризни ситуации резултираше со отстранувањето на новинарите од собраниската галерија, што ги прекрши загарантираните права за слобода на јавно информирање и јавност на работата на Собранието на Република Македонија“. Во извештајот се укажува и дека „Собранието со посебно внимание и отвореност треба да се однесува кон слободата за извесување на медиумите“. Во не го се заклучува дека „ескалацијата на настаните и ангажманот и интервенцијата на полицијата, која ги доведе во прашање уставните одредби за поделба на власта, ги оневозможи пратениците во остварување на нивната функција (да ги претставуваат граѓаните и да одлучуваат по свое уверување)“.

Sonderkommission Mazedonisches Parlament

Анкетната комисија постигна договор со препораки на десетина страници, кои Европската комисија очекува да ги види спроведени во пракса

Анкетната комисија укажува дека „координацијата треба да прерасне во советодавно тело на претседателот на Собранието“ и предлага „да се изврши итна ревизија на Деловникот во делот на скратувањето на постапките за носење одредени закони“.

Комисијата предлага предлог-буџетот „да биде поднесен во Собранието благовремено“, за тоа да може да го разгледа, но тоа „не смее да биде подоцна од три месеци пред почетокот на фискалната година“. Предизборниот извештај, пак, кој „служи за транспарентност на општата состојба на финансиите на Владата непосредно пред избори“, „треба да биде објавен најдоцна две недели пред почетокот на изборите“.

Во однос на измените на Деловникот на Собранието, се бара да се утврдат „механизми со кои би се спречило блокирање на работа на пленумот и работните тела од страна на нивните претседатели“, како и од стручните служби.

Во однос на собраниското обезбедување се предлага тоа да се издвои од Министерството за внатрешни работи и да се стави „непосредно под контрола на Собранието“.

Кога станува збор, пак, за новинарите, анкетната комисија „препорачува развивање дијалог“ со новинарите на тема „слобода на извршување на новинарската дејност и гаранција за остварување на истата во рамките на Собранието“. Таа препорачува и членовите на Собранието „со посебно внимание да се однесуваат кон слободата на известување на новинарите“.

Во потпишаниот извештај се препорачува и формирање на неутрална зона околу Парламентот, заради негово непречено работење. Во неутралната зона не треба да се дозволуваат манифестации, со цел во секое време да се овозможи пристап на пратениците до Собранието.