1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Хауит: ЕУ притиска за договор меѓу Грција и Македонија

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент Ричард Хауит за Дојче веле оценува дека се прави притисок врз Грција и Македонија за решавање на проблемот со името. Ако ЕУ не го прави тоа, не си ја извршува обврскатa.

Ричард Хауит оценува дека е тешко да се дојде до договор за името пред изборите во Грција. Тој за Дојче веле оценува дека разговорите во Њујорк и оние што медијаторот Нимиц треба да ги има во Скопје и Атина можат да бидат семе од кое ќе изникне решението. Во исто време укажува дека ЕУ мора да си ја исполни одговорноста и да притиска за решение.

„Состојбата е тешка за да се преговара или да има договор пред изборите во Грција. Но, вистината е дека она што ќе се каже сега, или она што беше кажано во Њујорк пред еден месец, обезбедува семе од кое решението може да дојде. А, колку помалку ја користиме секоја сила и секоја можност да поттикнеме постигнување на такво решение, толку не си ги исполнуваме нашите одговорности. А, јас сум определен тоа да го правам“, вели Хауит во интервју за Дојче веле.

Griechenland Streik und Proteste in Athen

Тешко е да се преговара или да се постигне договор пред изборите во Грција

Тој бил во Атина минатиот месец и добил впечаток дека нема промени во ставовите.

„Бев во Атина пред еден месец. Не се очекуваат истакнати промени. Но, кога ќе се најде решението? Веројатно тоа нема да бидеме во можност да го предвидиме. Она што е значајно е дека луѓето како мене од Европскиот парламент притискаат за тоа. Бев пред еден месец во Атина, а во Скопје сум денеска, за да кажам дека заедничката корист од доаѓањето до договор, од напредувањето, од здружувањето на земјава со Грција во ЕУ во годините што доаѓаат е толку голема што со сигурност може да се најде некоја политичка волја за компромис што ќе биде прифатлив за сите партии“, вели Хауит.

ЕУ не е медијатор, но може да притисне за договор

Хауит забележува дека ЕУ преку притисок може да создаде клима за постигнување договор за проблемот со името.

„Има притисок на сите страни и мислиме да притискаме на сите страни, но не можам да ви кажам на кое ниво. Како и во секој меѓународен спор, ниту една од страните не може да победи. Мора да има преговори со фер компромиси на двете страни, без да се одземе достоинството на двете страни. Но, тука мора да има улога на ЕУ и да се каже дека тоа е можно. ОН се медијатор, а не ЕУ, но ние можеме да создадеме поволна политичка клима во која таквиот договор би можел да дојде“, вели европратеникот Ричард Хауит за Дојче веле.

Griechenland / Parlament / Athen

При минатомесечната посета на Грција Хауит не добил впечаток дека позициите се променети

Хауит од разговорите во Атина и Скопје добива впечаток дека двете страни си ја префрлаат одговорноста за немањето решение на проблемот. Порачува дека е потребна поголема флексибилност од двете страни, бидејќи сака да ја види Македонија да се движи нанапред.

„Добивам впечаток кога и да зборувам со двете страни дека ја обвинуваат другата за недостаток на одговорност и за недостаток на делување. А, тоа не изненадува, пoсебно во она што јавно се кажува. Се’ помалку сум заинтересиран да навлегувам во тие прашања за обвинувања кој е виновен и сум позаинтересиран за охрабрување на напредокот и притискање дека има можност за успешен исход. Тоа е тешко, посебно сега во Грција, со проблемите низ кои минуваат, но компромисот мора да ги вклучи двете страни, кои мораат да бидат флексибилни и да имаат политичка волја. Се’ уште верувам дека тоа е можно“, оценува Хауит.

Да се задржи поддршката од ЕУ

Europa Mazedonien

Хауит порачува да се задржи поддршката од ЕУ и поддршката за членство во ЕУ

Тој како позитивен пример за тргање настрана на партиските разлики, во корист на националните интереси, го посочува начинот на кој СДСМ и’ даде поддршка на владината коалиција, за да може без внатрешни пречки да преговара со Грција.

Хауит вели дека „реалниот напредок“ во прашањата за реформите, борбата со корупција, почитување на човекови права и мерките за антидискриминација „ќе помогне да се создаде поповолна клима за земјата во Европа“.

Европратеникот за Дојче веле открива што ќе им порача на премиерот Груевски и министерот за надворешни работи Никола Попоски, со кои треба да се сретне следниот понеделник и вторник (20 и 21 февруари).

„Да се продолжи со дијалогот, да се осигура дека се оддржува и зајакнува јавната поддршка која е за членство на земјата во ЕУ, да се покаже дека се слуша и да се покаже дека се одговара на загриженостите и прашањата – тоа е еден од најдобрите начини со кои ќе може да се задржи вербата и поддршката од ЕУ“, вели Хауит во интервјуто за Дојче веле.

Автор: Александар Методијев

Редактор: Александра Трајковска