1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Хауит во извештајот повикува на итен почеток на преговорите

Во извештајот на Европскиот парламент за напредокот на Македонија, британскиот европратеник Ричард Хауит го повторува барањето на ЕП до Советот на Европа-одредување датум за преговори за пристап во ЕУ без одлагање.

default

Известувачот Ричард Хауит

Во извештајот на Хауит, до кој дојде Дојче веле пред неговото разгледување од страна на Комисијата за надворешни работи на ЕП, се испраќа и повик за итно започнување на пред-скрининг процесот на хармонизација на законодавството и придобивките на ЕУ, како и за спроведување на втората фаза на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.

Известувачот изразува и загриженост поради впечатокот кој започнува да се развива дека земјата е „надмината“ во процесот  на евроинтеграцијата од другите земји од Западен Балкан, што може да биде контрапродуктивно за постојаното подобрување на меѓуетничките односи во земјата и дека отсуството на редовен напредок во приближувањето кон ЕУ на земјата, претставува ризик за стабилноста и безбедноста на сите земји во регионот.

Во извештајот се поздравени и добрите односи на земјата со нејзините соседи.

Околу спорот за името, известувачот потсетува на содржината на пресудата на Меѓународниот суд на правдата од Хаг.

Mazedonien Land und Leute EU-Vertretung Gebäude in Skopje

Мисијата на ЕУ во Скопје

Да се зачува континуитетот во проширувањето на ЕУ

Хауит понатаму ја нагласува важноста на зачувување на континуитетот во процесот на проширување, и во овој контекст ја поздравува понудата на македонската влада да се постави рок за успешно решавање на спорот за името најдоцна до крајот на скрининг - процесот. 

Во таа насока се повикуваат  Европската комисија и Советот да започнат со развивање општо применливи арбитражни механизми во насока на решавање на билатералните прашања меѓу земјите кандидати за членство и земјите-членки.

Во извештајот се поздравува успешното одржување на парламентарните избори во Македонија и подобрениот политички дијалог како и добрите резултати на макроекономски план. Борбата против големата невработеност Хауит ја гледа во стимулирање на инвестициите и подобрена деловна клима.

Тој го поздравува подобрувањето на борбата против корупцијата, но го дели ставот на Европската комисија дека корупцијата останува „сериозен проблем“, со повик бробата против корупцијата да не биде врз селективна основа.

Повик за надминување на поделбите на децата по етничка основа во училиштата

Ричард Хауит нагласува дека Охридскиот рамковен договор е модел за целиот регион за успешно решение на меѓуетничките конфликти со истовремено зачувување на територијалниот интегритет и структури на државата.

Околу пописот на населението, се признава важноста за негова организација во целосна согласност со ЕУРОСТАТ стандардите. Притоа известувачот на ЕП ја нагласува важноста на прагот од 20% за давање одредени права во согласност со Охридскиот рамковен договор, но инсистира на тоа, дека дискриминацијата никогаш не може да се оправда кон албанското или било која друга малцинска етничка заедница врз основа на нивниот број во населението.

Во извешајот е испратен повик за зголемување на напорите за борба против поделбата меѓу децата од различни етнички групи во образовниот систем, како и согласност со препораката на Европската комисија за посилен поттик на процесот на децентрализација, како за значителен ребаланс помеѓу централниот и локалните буџети.

Загриженост поради случувањата во медиумите

Британскиот европратеник го поздравува фактот дека слободата на мислата, совеста и религијата се општо гарантирани во Македонија. Но сепак, во предложениот текст тој изразува длабока загриженост за последните случувања во медиумите и се повикува земјата да покаже апсолутна посветеност на медиумскиот плурализам.

Хауит испраќа и повик  за правична распределба на приходите од рекламирање на владата меѓу сите национални радиодифузери, без оглед на уредувачката содржина. Поддржана е и препораката на Европската комисија државниот телевизиски сервис да ја исполнува објективно и непристрасно улогата на јавен радиодифузен сервис. А, испратен е и повик за избегнување на судските процеси, за декриминализирање на клеветата.

Реформите треба да продолжат

Во извештајот се споменува потребата од зајакнување на антидискриминаторски политики, посебно за подобрување на животните услови на ромската заедница. Потоа, и потребата за продолжување на судските реформи, континуираниот напредок во подобрување на условите во затворите и зајакнување на парламентарниот надзор на разузнавачките и контра-разузнавачките служби, како и потребата да продолжат чекорите кои треба да доведат до професионална и непристрасна државна служба.

Flaggen der EU und Mazedonien in Skopje

Отсуството на придавката „македонски“ предизвика негативни реакции

Во извештајот, умешно е избегнато користењето на придавката „македонски“, но затоа пак британскиот европратеник ја зема во предвид резолуцијата на Собранието на Република Македонија во која се изразува загриженост за отсуството на терминот „македонски" во извештајот на Европската комисија за напредокот во 2011-та година и во 2009-та година и покрај фактот дека оваа придавка е норма во означувањето на јазикот на земјата, културата и идентитетот во текстовите на Обединетите нации. Хауит притоа жали за негативните реакции кои поради ова беа предизвикани во јавното мислење оваа година и ја повикува Европската комисија да го земе ова во предвид при подготовка на идните извештаи.

Извештајот на Ричард Хауит е првична верзија на текстот на резолуцијата, за која ќе треба да расправа Комисијата за надворешни работи на ЕП в понеделник, по што можно е да се очекуваат и негови промени пред да се најде на пленарна сесија.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Ж.Ацеска

DW.COM