1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Хаос со претседателските избори во Египет

Во мај во Египет се избира новиот претседател. На изборите не можат да учествуваат десет кандидати поради формални пропусти, а меѓу нив се и тројцата кои имаат најголеми шанси.

Речиси пет недели пред претседателските избори во Египет судовите и властите создадоа хаос и неизвесност. Неколку популарни политичари, чии кандидатури се сметаа за сигурни, се  исклучени од гласањето. Многу Еѓипќани се чувствуваат измамени, како овој маж од Каиро, кој е симпатизер на Муслиманското братство. „Се стравува дека гневот може да се изрази на улица, ако остане исклучувањето на кандидатите. Овие кандидати се многу популарни меѓу луѓето. Тие се кандидираа по законски пат, а сега се’ е наопаку поставено“, вели жителот на Каиро.

До 8-ми април кандидатите мораа да ги достават своите апликации. Од тогаш доминира конфузија. Иако официјалните кандидатски листи ќе бидат објавени на 26-ти април, судовите и Врховната изборна комисија ги разјаснија работите: 10 од 23 кандидати се исклучени од различни причини.

Ägypten Präsidentschaftskandidat Omar Suleiman

Исклучениот политичар Омар Сулејман

Посебно пикантно е што се исклучени тројцата омилени политичари, кои имаа реални шанси да станат новиот египетски Претседател. Пред се’ тоа е поранешниот шеф на разузнавачката служба Омар Сулејман, кој важи за прагматичен и модерен политичар, а се сметаше за фаворит на војската. Сулејман исто така е контроверзен, поради својата блискост со војската и затоа што доаѓа од поранешните структури на Хосни Мубарак. Врховната изборна комисија го отстрани од изборите поради недостаток на потписи од поддржувачи.

Симпатизерите се мобилизираат

Други кандидати беа исклучени поради формални причини. Каират Ал-Шатер, политичарот од Муслиманското братство, беше исклучен затоа што во времето на Мубарак бил осуден на затворска казна. Според египетскиот изборен закон тој не смее да учествува на изборите. Симпатизерите на Муслиманското братство сметаат дека процесот во тоа време бил политички мотивиран.

„Сега се обидуваат да кажат дека пресудата против Каират Ал-Шатер, од ерата на Мубарак, била коректна. Исто така и во времето на Мубарак тој беше под притисок и исклучен од изборите. Како што изгледа, Мубарак се’ уште владее“, вели симпатизер на Ал-Шатер.

И Сулејман и Ал-Шатер поднесоа приговори на одлуката на изборната комисија, како и кандидатот на ултра-религиозните Салафисти Хазем Абу Исмаил. Тој беше исклучен бидејќи неговата почината мајка имала и американско државјанство.

Симпатизерите на исклучените кандидати веќе се мобилизираат. Тоа го вели шефот на изборниот штаб на Салафистите Гамал Сабер.

„Ако ова е заговор, тогаш ние ќе ги жртвуваме нашите души. Милиони од нас ќе протестираат на улиците и плоштадите во градовите. Нема да дозволиме каква било измама на овие избори. Ќе биде како што треба да биде“, вели Гамал Сабер.