1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Хаос на железничката станица во Мајнц

Празни перони, празни шини - со денови на железничката станица во Мајнц доаѓа до отпаѓање на возови, што има последици по железничкиот сообраќај во цела Германија.

Железничката станица во Мајнц е важен сообраќаен јазол во областа Рајна-Мајна. Секојдневно тука се качуваат или слегуваат околу 60 илјади патници, а кратко запираат бројни возови на долги релации. Тоа што денес е поинаку, не се должи на временските прилики ни на техниката. Причината за тензичната ситуација во врска со железничката станица во Мајнц е недоволниот персонал. Конкретно, има премалку диспечери кои се одговорни за скретниците и сигналите.

„Диспечерите го координираат целокупниот железнички сообраќај. Тие за железницата се исто што и контролорите на летот во авионскиот сообраќај. Без диспечери не е можно одвивање на железничкиот сообраќај“, вели Антон Хофрајтер, претседател на Комисијата за сообраќај на германскиот парламент, Бундестагот.

Според него, целата работа е огромен скандал, за кој е одговорна самата Железница.

„Дојче бан, Германски железници, го запостави железничкиот патнички сообраќај како дел од концернот, а главна причина за тоа е краткорочниот интерес за профит, зашто со мерките за штедење кај ставката персонал се зголемува добивката на краток рок“, вели политичарот од Зелените, Хофрајтер за Дојче веле.

Брзо решение не е на повидок

Во Мајнц има 14 диспечери, повеќе од половината во моментов се болни или на одмор. Двете дневни смени не можат да бидат нормално опслужувани, зашто по смена се потребни секогаш тројца диспечери и еден диспечер-помошник, значи, вкупно осум луѓе дневно. Ноќе исто така нема доволно персонал.

Зошто тогаш не се донесе диспечер од друга станица во Мајнц? Тоа за жал не е можно, објаснува Јозеф Јанц, деловен раководител на Синдикатот на железничарите и сообраќајните работници, ЕВГ.

„Затоа што Железницата користи многу различни техники, од механички од прастари времиња до високо електронски компјутерски раководени централи за сигнална контрола“. Секое место има свои специфики. Освен тоа, Дојче бан има пропишано точно колку долго некој вработен мора да биде обучуван во оваа дејност и дека на крајот треба да положи испит. Еден диспечер мора да помине обука од седум месеци пред да може да биде ангажиран.

„Одговорноста ја сноси политиката“

Со недоволно персонал не е соочен само Мајнц.

Josef Janz

Јозеф Јанц

„Недостигаат околу илјада луѓе во диспечерските центри за сигнализација и контрола“, вели Карл-Петер Нојман, почесен претседател на Здружението за заштита на правата на патниците во јавниот сообраќај во интервју за Дојче веле. За железничкиот хаос во Мајнц тој ја обвинува политиката. Сојузниот министер за сообраќај Рамзауер, кој е претставник на државата во Железницата, има должност да води сметка во врска со намалувањето на персонал за постигнување поголем профит.

„Ниеден човек не би дошол на идеја семафорите во еден голем град да ги гледа низ призмата на економска рентабилност. Само по себе се разбира дека мора да има доволно персонал за одржување на семафорите, а ништо поразлично не е ни кај диспечерите во Германски железници“. Овде мора да важи иста политичка одговорност како во јавниот сообраќај, инистира Нојман. Тој пледира и за извесен број луѓе кои ќе прискокнуваат во повеќе области за кои ќе бидат подетално обучени.

Планираното излегување на Германски железници на берзата во 2008 година ги одложи инвестициите во понови и помодерни контролни центри за сигнализација. Тие со побавно темпо се заменувани со целосно електронизирани, отколку претходно планирано. Хофрајтер ги обвинува Германски железници дека веќе 40 години премалку инвестираат, а во последните десет се размислува уште пократковидо отколку порано.

„Германски железници предоцна ги спознаа целосните размери на својата политика на штедење“.

Karl-Peter Naumann Vorsitzender Fahrgastverband Pro Bahn,

Карл-Петер Нојман

Реклама за професијата диспечер

Германски железници ги праша диспечерите од Мајнц дали би го прекинале одморот доброволно за да се реши проблемот со недоволно персонал.

„Во принцип, ако некој доброволно се враќа од одмор предвреме, може да го направи тоа, но тоа е само одложување на проблемот. На луѓето им следува одмор, некои од нив повеќе пати го одложувале поради немање доволно персонал“, вели Јанц за Дојче веле.

„За 19 септември планираме ден на диспечерите во целата земја, за да ја рекламираме одговорната улога на оваа дејност“.

Илјадници патници во меѓувреме ќе чекаат на зелено светло на железничката станица во Мајнц. До крајот на август овде е во сила одредба за вонредна состојба. Последиците се чувствуваат и подалеку - доаѓа до доцнење во целиот регион.