1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Хаос и насилство на изборите во Бангладеш

Судирите меѓу полицијата и приврзаниците на опозицијата фрлија сенка врз парламентарните избори во Бангладеш. Опозицијата ги бојкотираше изборите. Тие немаат признание ниту во меѓународни рамки.

Вообичаеното славје на победниците изостана. Исто така немаше ниту опозициона партија, која ќе го признае изборниот пораз. Таа ги бојкотираше изборите и воопшто не беше застапена во многу изборни кругови, поради што само 48 проценти од граѓаните со право на глас воопшто излегле на изборите. Наместо тоа парламентарните избори ги засенија масовни судири, крвави улични борби и голем број подметнати пожари во изборните места. При судирите на силите за безбедност со демонстрантите само на денот на изборите (05.01.) животот го загубија најмалку 18 лица.

Избори без опозиција

Владејачката Авами Лига (АЛ) опстојуваше на спроведување на изборите „за да се зачуваат вредностите на уставот“, додека опозиционата Национална партија на Бангладеш истите ги оцени како „скандалозна фарса“. Тоа беа „избори без опозиција“, изјави за ДВ Имтиаз Ахмед, професор по меѓународни односи на Универзитетот во Дака и „тие пропаднаа во недемократска привидна манифестација“:

Изборните локали, како што беше најавено беа отворени осум часови, но тие во голем дел останаа пусти. Стравот од насилство беше преголем. Освен тоа немаше сериозна опозиција, на која избирачите ќе можеа да ѝ го дадат својот глас. Од 37-те партии на кои им беше допуштено учество на изборите учествуваше само владејачката партија и 11 партии нејзини сојузнички. Националната партија на Бангладеш и 24 други опозициони партии ги бојкотираа изборите. Тоа доведе во 153 од 300 изборни кругови воопшто да нема избор, бидејќи имаше кандидат само од владејачката Авами Лига. Голем дел од граѓаните не излегоа на изборите, а оние кои сепак сакаа да го дадат својот глас, на патот кон изборните локали наидоа на хаотични сцени и масовни немири.

За Назмул Ахсан, претседател на националната изборна комисија, ваквиот развој не е изненадување. „Беше јасно дека многу луѓе нема да излезат на избори“, вели тој и дополнува: „Ова беа невообичаени избори. Не само затоа што опозицијата ги бојкотираше, туку и затоа што во пресрет на изборите со недели имаше судири, генерални штрајкови и политички немири“.

Масовно насилство

Според дописниците на ДВ Харун Ур Рашид Свапан и Самир Кумар Деј изминатиот викенд илјадници демонстранти нападнале повеќе од 200 изборни локали во земјата. Голем број од нив биле запалени. На повеќе места полицијата пукала врз делумно вооружени демонстрани, за да спречи да бидат нападнати изборните локали, при што биле убиени повеќе лица. Масовните простести доведоа до тоа многу луѓе порадо да останат дома, отколку да излезат на избори. Во едно избирачко место во главниот град Дака, по првите четири часа од изборите имало само 25 дадени гласови - од 24.000 регистрирани избирачи.

Автоматска победа

Уште пред да биде познат официјалниот резултат беше јасно дека владејачката Авами Лига под водство на досегашната премиерка Шеик Хасина ќе однесе јасна победа. Имено само со тоа што во 153 изборни места немаше противкандидат за Авми Лигата е доволно за да има апсолутно мнозинство. Претходно премиерката повеќепати одби да поднесе оставка и да постави преодна влада, за да ги надгледува изборите. Ова на претходните ибори во Бангладеш беше вообичаена пракса. На нив во изминатите две децении наизменично власта ја добиваа конкурентите Шеик Хасина и Каледа Зиа.

Нови избори уште оваа година?

Од страна на опозицијата стигна голема критика. „Тоа беа мртви избори“ оцени Моен Кан од опозиционата Национална партија на Бангладеш за агенцијата ДПА, „и владата ќе мора да преземе одговорност, поради тоа што организираше ваква фарса“. Генералниот секретар на Националната партија на Бангладеш Мирза Факрул Ислам Аламгир оцени дека „народот на Бангладеш е развластен со едни вакви бесмислени и несакани избори и неговата чест е повредена“.

Европската унија, САД и британскиот Комонвелт воопшто не испратија набљудувачи во Бангладеш. Само Индија и Бутан испратија набљудувачи, така што недостасува меѓународна легитимација. Оттука може да се очекува да расте меѓународниот притисок врз владата и опозицијата за решавање на конфликтот. Во Бангладеш веќе се шпекулира за нови избори во наредните месеци, на кои би учествувале сите партии.