1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Хаосот во Чешка резултира со оставка на Нечас

Чешка е во политички хаос по спектакуларната полициска акција од пред неколку дена. Премиерот Петр Нечас најави оставка, откако претходно беа притворени негови блиски соработници под сомневање за корупција и прислушување

Одеднаш повторно делуваше опуштено и сигурно - чешкиот премиер Петр Нечас ноќеска (16/17.06) застана пред камерите и ја најави својата оставка на функцијата премиер и на функцијата претседател на граѓанската партија ОДС. „Јас сум борбен човек, но отсекогаш ми било јасно дека не сакам да бидам камен кој ќе попречува оптимално решение“, рече тој. Со тоа Нечас извлече консеквенции од корупциската афера која ја потресува Чешка од крајот на минатата недела. Како ќе се продолжи по падот на централно-десничарската влада, зависи во голема мерка од претседателот на државата Милош Земан.

Политичкиот земјотрес почна со спектакуларна рација на полицијата - 400 делумно маскирани иследници извршија претрес во седиштето на владата и на уште 30 други објекти. Притоа беа уапсени осуммина високи државни службеници и политичари, меѓу кои и најблиската соработничка на Нечас. Освен тоа, беа запленети повеќе милиони евра во кеш и десетици килограми злато.

Корупциски скандал во највисоките политички кругови?

Околу заднината на акцијата во моментов кружат гласини. Надлежното обвинителство се‘ уште е воздржано и не дава конкретни информации. Досега може да се издвојат две кривични дела за кои се врши истрага - злоупотреба на функцијата и корупција. Дали двете кривични дела се поврзани едно со друго, не е познато. Од една страна, блиската соработничка на Нечас, Јана Нагијова, од приватни мотиви собирала информации за сопругата на премиерот и за тоа најверојатно ја злоупотребила воената тајна служба која вршела прислушување. Тоа, како што се тврди, во меѓувреме го признал и шефот на тајната служба. Од друга страна, истрагата е на трага на корупциски скандал во највисоките политички кругови.

Jana Nagyova , Tschechien

Јана Нагијова е уапсена поради скандал со прислушување

Досега не е јасно дали премиерот Нечас и самиот е вмешан во аферите. Тој во Чешка важи за „чист“ човек, кому очигледно приватните турбуленции му направија проблем. Неколку дена пред полициската рација тој објави дека се разделува од сопругата. Чешките набљудувачи сметаат дека аферата со прислушување е поврзана токму со тоа.

Истрагата за корупција е далеку понебулозна. Во Прага со години е јавна тајна дека преку јавни тендери исчезнуваат многу пари од државниот буџет во касите на дубиозни фирми. Само што, тоа досега не го докажа никој. Можните осомничени не можеа да бидат казнети.

Polizei-Razzia in Regierungszentrale Tschechien

Петр Нечас денеска (17.06) треба да ја соопшти оставката

Сега најверојатно е направен пробив во истрагата. Меѓу објектите каде што е извршен претрес се и луксузните вили на две лица кои во Чешка саркастично се накрекуваат „кумови“, односно важат за сива еминенција која има влијание во највисоките политички кругови. „Запленивме материјал кој за нас е исклучително корисен“, најави шефот на истрагата Роберт Слахта. Проценката на запленетиот материјал ќе трае со недели. Ваквите изјави ги потхрануваат шпекулациите дека деликтите кои сега се обелоденети се само врв на ледениот брег. Набљудувачите се надеваат дека полицијата овојпат ќе успее да се пробие до „најголемите риби“, кои седат на клучни позиции во мафијашкото испреплетување на политиката и економијата.

Борбата против корупцијата во Чешка се засилува

Во Чешка се смета дека е неверојатно премиерот Нечас да бил вклучен лично во сето тоа. Напротив, тој во тригодишниот мандат се погрижи за независна работа на политиката и правосудството. „Ако постои сомневање, тоа мора да биде разјаснето, сеедно за кого притоа се работи“, рече Нечас во петокот (14.06) во чешкиот парламент.

Борбата против корупцијата во Чешка доби неочекувана динамика. Тоа се должи на смената на генерации во полицијата и обвинителството. Таму на раководни позиции дојдоа добро образовани и пред се‘ бестрашни луѓе, кои не дозволуваат да бидат заплашувани. И самите Чеси веќе немаат трпение со корумпираните политичари. Во меѓувреме има голем број иницијативи кои се залагаат за чиста економија и непопустливо гонење на осомничените за кривични дела.

Milos Zeman Präsidentschaftskandidat Tschechische Republik Tschechien

На потег е претседателот Милош Земан

На кормилото е претседателот Земан

Политички клучна улога сега има претседателот на земјата Милош Земан. Тој е на функцијата од март годинава и по оставката на Нечас може да одлучи кому ќе му довери мандат за составување влада. Притоа, тој има сосема одврзани раце да избира - или ќе избере претставник од сегашната владејачка коалиција, или некого од опозиционите социјалдемократи, кои нему му се политички поблиски. Може да се замисли и технократска влада која би била на власт до редовните избори наредната година. Со ваква влада, како што оценуваат набљудувачите, Земан би имал најголемо влијание врз политичките случувања.