1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Хамас повика на нова интифада

Лутиот палестински протест против одлуката на американскиот претседател за Ерусалим го достигна својот прв зенит: лидерот на Хамас, Ханија, бара ништо помалку од трето арапско востание против Израел.

Радикално-исламистичкото палестинско движење Хамас повика на ново палестинско востание (интифада) против Израел. Признавањето на Ерусалим како главен град на Израел од страна на американскиот претседател Доналд Трамп е еднакво на „декларација на војна против Палестинците", рече водачот на Хамас, Исмаил Ханија во Газа. Во петок мора да почне „интифада за ослободување на Ерусалим" , порача натаму првиот човек на организацијата која до пред кратко време беше единствениот властодржец во Појасот Газа. Ханија, исто така, апелираше до палестинската власт да ги прекине сите мировни напори со Израел.

Повеќе на темата:

-Трамп долева масло на огнот

-Ерусалим, главен град на Израел?

-Започна ли „трета интифада“ на Палестинците?

Речиси 7.000 мртви во претходните востанија

За време на првата интифада од 1987-1993, која започна како „војна на камењата", околу 2.200 Палестинци и 200 Израелци ги загубија животите. Во „интифадата Ал-Акса" од 2000 до 2005 година, Палестинците имаа најмногу жртви, имено повеќе од 3.500, а повеќе од 1.000 Израелци загинаа при нападите на Палестинците.

Во знак на протест против одлуката на Трамп, Палестинците, исто така, утрината започнаа генерален штрајк. Јавните институции, продавниците, училиштата и банките останаа затворени на Западниот Брег, Појасот Газа и источен Ерусалим. Палестинското министерство за образование им даде слободен ден на наставниците и ги повика нив и студентите на универзитетите да учествуваат на демонстрациите на Западниот Брег и во Појасот Газа.

Подготовка на армијата за „можни случувања"

Во меѓувреме, израелската армија ги засили своите трупи на Западниот Брег. По консултациите, Генералштабот одлучи да премести неколку дополнителни баталјони во регионот,  соопшти војската. Натамошен број војници беше ставен во состојба на готовност - како дел од подготовката на армијата за „можни случувања", се вели натаму во соопштението на израелската армија. 

 

DW.COM