1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Хакерски „Вудсток“ во Германија

Хакерски собир се одржа неодамна во близината на Берлин. Главни теми на разговор беа последните контроверзи во сајбер-просторот, особено легалноста на хакерството и улогата на интернет-страниците како „Викиликс.“

default

Со мрежи обесени меѓу дрвјата и мирисот на марихуана во воздухот, летниот камп организиран од германскиот „Хаос копјутер клуб“ , делуваше како Вудсток. Но, наместо хипици, на кампот најбројни беа компјутерските хакери. Организиран од клубот, групација која се бори за слобода на информациите преку хакирање, кампот се одржува на секои четири години и е собиралиште на компјутерски фанови, кои ја користат можноста за разговор за хакирањето и новите технологии.

Четиридневниот камп годинава се одржа во поранешната советска база во Финовурт, во близина на Берлин, и на него се собраа околу 3.500 хакери од 50 земји од светот, далеку повеќе од 2.300 колку што присуствуваа на собирот во 2007 година.

Со мешавина на работни маси со имиња како „Сајбер просторот и љубовта кон податоците“, кампот привлече млади луѓе, претежно мажи, обединети под слоганот „Заштитете ги приватните податоци, експлоатирајте ги јавните“.

Но, зад атмосферата на љубов и разбирање, хакерската заедница беше поделена за повеќе теми.

„Хакерите се големи индивидуалисти и тие не сакаат да бидат ограничувани“, објаснува портпаролот на кампот, Франк Ригер.

Една од најжешките теми беше контроверзната агенда на Џулијан Асанж, по објавувањето на тајните податоци на американската администрација.

Поранешниот портпарол на Викиликс и сегашен заколнат непријател на Асанж, Даниел Домшајт Берг, го искористи кампот за да ја презентира својата нова платформа Опенликс и ги предизвика присутните на кампот да ја хакираат.

„Тој сака да не` искористи како гаранција за неговиот кредибилитет“, изјави Анди Милер Магун, кој важи за близок пријател на Асанж. „Тоа е многу вознемирувачки. Во основа нашето движење е отворено, но понекогаш мора да се постави и граница“, вели Магун.

Каде е границата на хакирањето?

CCC Chaos Computer Club Sommercamp Finowfurt

Хакерите разменуваа искуства и знаења

Друга тема за дебата беше легалноста на хакирањето, за која многумина се согласија дека границата е изгубена.

Самуел Лезуер од француската хакерска група Еколаб вели дека тој секогаш го бирал „легалниот пат“ но признава дека „надвор од границите на групата, секој прави што сака“.

„Се` што е нелегално, за мене нема легитимност“, вели Жереми Цимерман од „Квадратура на мрежата“, група која промовира интернет слободи. Но, тој признава дека води кампања против француските закони кои забрануваат симнување податоци од интернет и не се потресува поради спектакуларните хакерски напади на групите како Анонимус и ЛулзСек.

„Анонимус и ЛулзСек, тоа не се терористи, тоа се вандали“, вели тој.

ЛулзСек ја презеде одговорноста за серија од 50-ина напади против меѓународни компании и владини агенции, меѓу кои и врз ЦИА, американскиот Сенат и електронскиот гигант Сони. Во меѓувреме групата се распадна.

Минатата недела друга хакерска групација ги нападна интернет-страниците на бројни американски министерства како одмазда за апсењето на нивни членови и на хакери од групата Анонимус.

Сепак, во Финовурт не беше се` сведено на филозофски дебати.

„Сакам да ја хакирам интернет-камерата на мојата девојка за да можам да ја шпионирам“, признава еден млад човек кој сакаше да остане анонимен. „Но не можам овде да најдам никој кој ќе ми објасни како да го направам тоа“, вели тој, прилично разочаран.

Автор: БГ/ афп

Редактор: Александра Трајковска