1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Хакерите во Кина: за пари и за татковината

По откривањето на програмата „Призма“ на американската тајна служба и британската „Темпора“, како да се заборавени обвинувањата на сметка на Кина. Но, за хакерите тоа е се’ уште земја на неограничени можности.

Фирмата „Хуаменг Империум Хакер“ во својата реклама на интернет ветува дека секого може да го научи како да пробие лозинка и да развие компјутерски вируси. За само 80 евра можете да најдете онлајн обука. Но, меѓу хакерите, курсевите не значат многу. „Тоа се почетнички глупости“, вели хакерот кој себеси се нарекува во стилот на Кунг фу херојот - Гу Ду Куи Баи: „Денес има многу измамници кои себеси се нарекуваат хакери. Има многу реклами на интернет, но сите сакаат само пари. Тие всушност не знаат што е тоа хакерство“.

Гу Ду има 20 години и е типичен хакер. Се откажал од школувањето и сам учел за компјутерите. Тој е еден од малкумината кои се подготвени да зборуваат за својата работа: „На почетокот ги пробивав кинеските интернет-страници. Бев млад и сакав да заработам. Денес сум концентриран на интернет сајтовите во странство - на обложувалниците во Малезија, онлајн-игрите во Јапонија... Некои работодавачи сакаат да ги променам податоците на тие страници“.

Taiwan China Hacker

За таквите ангажмани Гу Ду добива најмалку 2.000 евра. Горна граница нема, вели тој. Неговите податоци не можат да се проверат, но инсајдерите сметаат дека се веродостојни.

Некогаш хакери, денес стручњаци за безбедност

Еден друг хакерски ветеран, „Орелот Ван“, ги презира луѓето како што е Гу Ду: „Тие луѓе мислат дека не мораат ништо да ризикуваат и оти цел ден треба да седат пред компјутер за да заработат пари“.

„Орелот Ван“ е „татко“ на црвените хакери т.н. „хонки“. Тие поради патриотизам, а и поради желба за профит, ги пробиваат компјутерите и интернет-страниците. Пред 15 години бил, како што кажува, „раздразливо момче“, лидер на групата која ја блокирала интернет-страницата на американската влада. Денес има 42 години и повеќе не е лут на странците. Тој работи како стручњак за безбедност за една голема технолошка фирма. Поради тоа и користи псевдоним.

И други поранешни хакери денес работат за безбедносни фирми, меѓу чии нарачатели е често и кинеската држава. Но, многумина до денес не го гледаат хакерството како кривично дело: „Меѓу хакерите информациите се набљудуваат како вода - поголемиот број од нив се бесплатни и секој има право да стигне до нив. Хакерството е притоа само необичен начин да се дојде до тоа. Покрај тоа постои и компјутерски криминал. Тоа е вистинска кражба“, вели „Орелот Ван“.