1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Хаг подготвува истрага против Карла Дел Понте

Претседателот на Хашкиот трибунал формираше посебен судски совет кој треба да испита дали има основа за истрага против поранешната главна обвинителка, поради непочитување на судот.

Одлуката на претседателот на Судот Теодор Мерон доаѓа на барање на обвинетиот поранешен претседател на Република Српска Радован Караџиќ, кому му се суди за геноцид. Одлуката на судијата е невообичаено брза, имајќи предвид дека Караџиќ барањето го поднел на 27 септември.

Караџиќ бараше од судијата Мерон да отвори истрага против Дел Понте затоа што на американски дипломати во 2004. им ја пренела содржината на доверлив извештај од судењето на Слободан Милошевиќ. Караџиќ во барањето ја цитирал дипломатската депеша, која американската амбасада во Хаг ја упатила до Стејт Департментот. Во неа пишува дека Дел Понте на американските дипломати им пренела кој е на листата на сведоци на одбраната на Милошевиќ, која на судот му била поднесена како доверлив документ.

Караџиќ тврди дека на тој начин Дел Понте ги прекршила правилата на Трибуналот, сугерирајќи дека таа е одговорна за непочитување на судот.

Во американските дипломатски депеши, кои ги објави Викиликс, судијата Теодор Мерон се споменува како „најеминентен поддржувач на напорите на владата на САД“. Во депешите се цитира и барањето на Мерон до владата на САД да го спречи реизборот на Дел Понте на функцијата, за чии способности имал негативно мислење.