1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Хаварија на германскиот тим на 100 денови пред светското првенство

Италија во пријателски натпревар во секој поглед ја надигра фудбалската репрезентација на Германија и победи со 4 спрема 1

Германскиот селектор Јирген Клинсман

Германскиот селектор Јирген Клинсман

Вчера не беа само 100 денови од стапувањето на должност на новата германска влада, туку и 100 денови до стартот на светското фудбалско првенство. Додека владата може да ужива во главно добрите оценки на граѓаните за нејзината досегашна работа, германската фудбалска репрезентација падна на сериозниот тест: во Фиренца синоќа беше поразена од Италија со 4 спрема 1.

Натпреварот само што беше започнат, а веќе можеше да се претпостави неговиот тек и исход: домаќините по седум минути има водство од 2 спрема 0 со головите на Џилардино и Тони; нокаутот беше на повидок. Во 39-тата минута и де Роси ја затресе мрежата на немоќниот голман Јенс Леман. Токму во периодот на консолидација, Германците во 57-та минута го примија и четвртиот гол, што го постигна дел Пјеро, па остатокот беше прашање на формалност. Погодокот на одбранбениот играч Хут на осум минути пред крајот на средбата само малку го ублажи тешкиот пораз.

„Се разбира, повторно е едноставно се’ да и’ се префрли на одбраната, но мораме да се помириме со тоа. Јасно е дека сега пак ќе уследи критика“ – рече Арне Фридрих, кој никако не излегуваше на крај со дел Пјеро. Со ваква игра не може да се постигне успех на светското првенство, вели капитенот Михаел Балак, но самоувереноста не го напушта: „Ова секако не е вистинското ниво на нашите можности. Ние веќе прикажавме многу повеќе – како на последниот натпревар во Франција. Но, денеска видовме што уште ни недостасува, пред се’ на тактички план“.

Средбата, инаку, се одигра под мото „Антирасизам“. Прочитан беше апелот што Папата Бенедикт 16-ти им го упати на навивачите, во која тој ја поздравува иницијативата против расна дискриминација, која – како што вели – го нагласува значењето на воспитната функција на спортот во знакот на солидарност и мир.

Од другите синоќешни подготвителни и пријателски средби издвојуваме: неуспешна поба и на Французите – дома загубија од Словачка со 2 спрема 1. Хрватска како гостин ја совлада Аргентина со 3 спрема 2, Бразил во Москва со нерегуларен гол ја победи Русија со 1 спрема 0. САД беа подобри од Полска: на неутрален терен во Кајзерслаутерн славеа победа од 1 спрема 0. Ирска ја победи Шведска со 3 спрема 0.

Пријателски натпревар одигра и Македонија: предводена од новиот селектор Среќко Катанец дома загуби од соседот Бугарија со 1 спрема 0.