1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Хабермас и’ одржа лекција на Европската Унија

„Повеќе демократија и поголема солидарност и се потребни на Европа“, порача на предавањето во Левен, славниот германски филозоф Јирген Хабермас.

Во белгијското градче Левен, околу 500 студенти во амфитеатарот на Католичкиот универзитет со нетрпение чекаа да им се обрати Јирген Хабермас. За предавањето на славниот германски филозоф кој веќе има полни 83 години, владееше толку голем интерес што на студентите кои не успеаја да обезбедат влезници им беше овозможено настанот да го следат во универзитетскиот двор на голем екран.

Предавањето носеше наслов „Демократија, солидарност и европската криза“. Во публиката беше и претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпој.

Поголема демократска контрола

Хабермас остро ја критикуваше политиката на ЕУ, оценувајќи дека таа се спуштила на ниво на технократија која им се прилагодува на финансиските пазари. Според него, потребно е да се развие наднационална демократија, во која и натаму би имало место за националните држави, но кои би морале да предадат дел од својот суверенитет.

„Доколку сакаат да ја сочуваат монетарната унија, повеќе не е доволно да се даваат кредити за да се поправи конкурентноста на презадолжените земји. Тоа не е доволно“, порача Хабермас, дополнувајќи дека е неопходна солидарност и кооперативен пристап кој мора да произлезе од заедничката политичка перспектива. Притоа побара и демократизација на ЕУ и демократска контрола на Европскиот совет.

Хабермас побара основање на нов Конвент кој би предложил нов договор за ЕУ. Според него, клучевите за промените во Унијата в раце ги држи германската влада. Германија има водечка улога во Унијата врз основа на својата економска сила и бројноста на населението, но во ниту еден случај не смее да се впушти во самостоен пат. Не се работи за „германска Европа“, туку за „Германија во Европа“, нагласи филозофот. За да се задржи монетарната унија, тврди тој, потребно е да се создаде политичка унија.

Herman Van Rompuy, Ratspräsident der Europäischen Union

Претседателот на Европскиот совет, Херман Ван Ромпој беше во публиката

По предавањето, Хабермас одговораше и на прашања на присутните. Едно од нив беше и за строгите мерки за штедење кои ги заговара Германија.

„Јас би се залагал за поврамнотежена економска политика, која би опфаќала и целни инвестициски програми за регионите или за цели земји. Тоа би била противтежа на тенденцијата која се’ повеќе се шири, а тоа е дека во рамките на потпирањето на конкурентноста и другите темелни вредности, разликите меѓу земјите-членки стануваат се поголеми“.

Настапот пред студентите Хабермас го заврши со зборовите: „Владите се премногу плашливи. Европските прашања треба да им се дадат на луѓето за на референдум да решаваат за нив“.