1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

ФХ3Х: „Ранго“ ќе ни отвори многу врати во Холивуд

Возбудени и горди на својата работа се аниматорите од македонската компанија за визуелни ефекти ФХ3Х кои се дел од тимот кој работеше на анимираниот филм „Ранго“ што доби Оскар за најдобар анимиран филм.

default

Кристијан Даниловски, извршен продуцент и менаџер за развој во ФХ3Х.

„Ова признание сигурно ќе им отвори многу врати на 100-тината млади луѓе кои се ангажирани во ФХ3Х, а тоа е момент што треба да се искористи“, вели Кристијан Даниловски, извршен продуцент и менаџер за развој во ФХ3Х.

Престижната награда Оскар за анимираниот филм „Ранго“ што во голем дел го потпишува и тимот на ФХ3Х претставува одличен поттик и мотивација во натамошното работење на оваа македонска компанија.

„Ова е најголемиот успех на ФХ3Х со оглед дека годинава бевме дел од тимовите на два филма номинирани за Оскар- „Ранго“ и номинираниот „Трансформери: Мрачната страна на месечината“. За нас ова е особено значајно признание и јасен знак дека сме на вистинскиот пат“, вели Кристијан Даниловски во разговорот за ДВ.

„Ранго“ е првиот анимиран филм на студиото „Индастриал лајт енд Меџик“ (Industrial Light & Magic) кое е најпознато по совршено реалистичните визуелни ефекти.

FX3X Ltd.

„Бевме пресреќни кога ни предложија да бидеме дел од нивниот тим. Конкретно, нашата работа беше да „изградиме“ повеќе објекти во градот во пустината Мохаве. Тоа е еден микросвет. Продукцијата ни даде многу прецизни, убави, креативни и оригинални дизајни врз основа на кои ние требаше да работиме. Убав предизвик беше за нас работата на „Ранго“. Работата на Оскаровецот „Ранго“ се должи на довербата што ја стекнавме кај „Индастриал лајт енд Меџик„. Со тоа покажавме ниво“, потенцира Даниловски.

ФХ3Х на ниво на „Индастриал Лајт енд Меџик“ ?

Од пред три години работат со американската компанија „Индастриал лајт енд Меџик““(Industrial Light & Magic) на Џорџ Лукас – „прва меѓу првите“ и најпознатата холивудска продукција за визуелни ефекти. „Така се оствари сонот на ФХ3Х“, вели Даниловски и не крие дека ФХ3Х има амбиции да прерасне во компанија каква што е таа-една од најреспектабилните продукции за визуелни ефекти.

„Можеби нема да можеме да се изедначиме со нив, но на ниво на квалитет секогаш имаме цел да бидеме еднакви со најдобрите. Во ФХ3Х сега работат 100-тина луѓе но таа бројка не е доволно голема. За натамошен успех на компанијата оваа бројка треба да се зголеми. Целта е нашата компанија инфраструктурно, технолошки, технички и во сите други параметри да расте како што се зголемува бројката на артисти кои се ангажирани.“

„Никој не влегол во Холивуд на голема врата“!

ФХ3Х постои 15 години. Пробивот во холивудската продукција го направија во 2004 година со работата на дел од визуелните ефекти на филмот „ Авијатичарот“ на режисерот Мартин Скосезе. Потоа, следеа номинацијата за наградата ЕМИ за ТВ серијалот „ Патот до 11 Септември“ на Дејвид Канингам и најголемиот успех- учеството во филмот на Крис Вајс „Златен компас“ кој во 2008 година доби Оскар за визуелни ефекти.

ФХ3Х имаат „полни раце“- работа. За одбележување е и нивната работа во делот на визуелните ефекти и во филмовите „Шерлок Холмс: Игра на сенките“ (Sherlock Holmes: A Game of Shadows), „Red Tails” во продукција на Лукас Филм и многу други наслови од најновата холивудска продукција. Во моментов во ФХ3Х завршува работењето на долгометражниот цртан филм „Сид Супер филм“(Sid The Super Movie) на компанијата „Џим Хенсон“ и претставува уште еден амбициозен удел на македонските артисти во уште една холивудска продукција.

„Успехот и на компанијата ФХ3Х не се случи преку ноќ. „Не знам дека некој влегол во Холивуд на „голема врата.“ Успехот тешко се достигнува, но лесно може да се- изгуби! Тоа подразбира многу напорна работа. На холивудските филмови започнавме да работиме во 2004 година и беше многу тешко да се дојде до првиот филм. За среќа, тогаш работевме на „Авијатичарот“ на Скорсезе и тој филм ни ја подотвори вратата. Но, вистинската работа следеше потоа. Имавме среќа да работиме на прекрасни проекти.

FX3X Ltd.

ФХ3Х на американскиот , но не и на европскиот пазар

За да се опстане на овој пазар мора да се има јасна концепција. Компанијата ФХ3Х уште од самиот почеток своето работење го насочи кон американскиот пазар. Но, не и кон европскиот пазар.

„ Сакавме да го избегнеме тој условно кажано- грантовски, политички регулиран филмски пазар. Премногу политика- премалку работа! Но, нашата цел беше да се работи таму каде што е најинтересното, најдинамичното, каде што можеме да имаме најатрактивни филмови, најинтересни ефекти и најдобра анимација. Тоа се’ уште се холивудските филмови. Добрата страна таму е што квалитетот ја одредува цената. Колку квалитет ќе дадеш- толку ќе чини! Но, тоа крие и друга опасност. Во Холивуд сте толку добри колку што е добра вашата последна работа! Значи, фино е тоа што сме работеле на филм што добил Оскар, но доколку „кикснеме“ на следниот филм тогаш- толку е ! Мора да испорачате добар производ. И точка“, вели Даниловски.

Минатата година ФХ3Х беа прогласени за Европски шампиони за претприемништво што претставува меѓународно признание за менаџментот на компанијата во однос на следењето на технолошките новитети и барањата на глобалниот пазар.

Автор: Сузана Тодоровска-Павлоска

Редактор: Симе Недевски