1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Фуриозен камбек

Американскиот автоконцерн „Џенерал моторс“ се враќа на берзата. Реструктуираниот концерн има намера да ја јакне својата позиција на пазарите во Кина и останатите земји во забрзан подем.

default

Околу една година по речиси банкротирањето на концернот, „Џенерал моторс“, кој се спаси благодарение на финансиската помош на американската влада, ќе понуди на берзата 478 милиони акции, или една третина повеќе од првично планираното. Цената на една акција на „Џенерал моторс“ е утврдена на 33 долари, односно 23,68 евра. Реструктуираниот концерн има намера да ја јакне својата позиција на пазарите во Кина и останатите земји во забрзан подем. Во третиот квартал од годинава, американскиот автоконцерн бележи добивка од две милијарди долари. Најголем дел од добивката е направена на пазарите во земјите во забрзан подем, како Кина. Крис Лидел, член на дирекцијата на „ЏМ“, на видео-порака на интернет, вели:

„За нас Кина е приказна на успех. Во рок од десет години го зголемивме уделот на пазарот од 3 на 13 проценти. Изгледите за пораст се и натаму добри. Ќе настапиме поагресивно, за нашите возила од светска класа да донесат поголем профит.“

Flash-Galerie Deutschland 100 Tage schwarz-gelb GM und Opel

Во третиот квартал од годинава, американскиот автоконцерн бележи добивка од две милијарди долари

Воскреснување, па проширување

Ваквата најава на менаџерот на „ЏМ“ не остава простор за сомнеж: само 16 месеци откако автоконцернот пропадна, тој се враќа назад на берзата. Тоа што концернот сака да ја зајакне својата позиција во Кина и останатите земји во забрзан подем не е изненадување. Аналитичарот за автоиндустрија во „Стандард и Пурс“ во Њујорк, Боб Шулц, вели дека во тие земји ќе се одлучува трката за натамошниот пораст.

„Земјите во забрзан подем се многу важни за многу автопроизводители. „ЏМ“ и „Фолксваген“ се присутни во Кина долго време. Ако ги погледнеме Бразил и Кина, може да заклучиме дека овие пазари во времето на криза многу подобро се држеа од останатите.“

Трка за „пол-позицијата“

Кина е пазар на пораст. За оваа земја се прогнозира дека до 2020 година на илјада жители ќе има 115 автомобили. Денес има околу 20 возила на илјада луѓе. „ЏМ“, според сопствени наводи, води на кинескиот пазар. На втора позиција е германскиот конкурент „Фолксваген“. Но, трката за „пол-позицијата“ се‘ уште трае, нагласува Боб Шулц:

Symbolbild steigender Aktienkurs Börse Kurse Konjunktur

Цената на една акција на „Џенерал моторс“ е утврдена на 33 долари

„’Фолксваген’ и ’ЏМ’ се во Кина повеќе застапени отколку ’Тојота’. Нашата проценка, од финансиски аспект, е дека ’Фолксваген’ стои подобро од ’ЏМ’.“

Лесно нема да биде

„Џенерал моторс“, значи, не е толку финансиски робустен како „Фолксваген“, но затоа американскиот концерн ги зајакнува своите врски со Кина преку излезот на берзата. Кинескиот автопроизводител „САИК“, кој заедно со „ЏМ“ има заедничка фирма, според извори на Вол Стрит, има намера да купи акции. Сепак, натамошниот растеж на странските автоконцерни во Кина, вкупно погледнато, ќе биде се‘ потежок.

„Голем дел од автопоризводителите сакаат да експандираат во земјите во забрзан подем. Тоа, сепак, е ризик, зашто можно е да дојде до преголема понуда на автомобили. Сметаме дека странските автопроизводители кои долго време се присутни во Кина нема да можат така лесно да бидат истиснати од трка, но за нив, со оглед на се‘ поголемата конкуренција, во иднина ќе биде се‘ потешко да се шират на пазарот.“

Автор: Оливер Форер / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска