1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Фуере: Членството во ЕУ е единственото решение за Македонија

Во ЕУ постои загриженост за состојбата со демократијата во Македонија - отсуството на политички дијалог, недоволниот напредок во надминување на штетата од драматичните настани од 24-ти декември, вели Ерван Фуере.

default

Членството во ЕУ е единственото решение за Македонија, затоа што нема алтернатива, иако тоа е избор на секоја држава, но низ историјата на европската интеграција се покажало дека предностите и можностите што се нудат се големи, вели Ерван Фуере (на фотографијата), аналитичар на Центарот за европска политика во Брисел, и поранешен амбасадор на ЕУ во Македонија, во интервју за Глас на Америка на македонски.

Според него, за жалење е тоа што Македонија со кандидатски статус од 2005 година прв пат од тогаш годинава не беше спомната од Европскиот совет.

„Мислам дека е одраз на загриженоста на многу земји-членки, иако не го кажуваат тоа јавно, за состојбата со демократијата во Македонија - отсуството на политички дијалог, недоволниот напредок во надминување на штетата од драматичните настани од 24-ти декември. Тоа не е имиџ за една земја - кандидат за ЕУ. Нема алтернатива на политичкиот дијалог, консензусот и почитувањето на слободата на медиумите“, вели Фуере.

Смета дека постои јасна потреба и за Македонија, и за Грција, да седнат на маса и да го решат проблемот.

„Грција, со оглед дека го презема претседателството со ЕУ следната година, треба да биде пример, меѓу другото и затоа што е автор на Солунската агенда пред 10 години, да стори се` за да дојде до договор со Македонија. Од друга страна, Македонија треба да ги остави емоциите настрана. Многупати сме рекле дека спорот не е за идентитетот, туку за името. Тоа не е фер, но е реалност. Единствениот начин да се реши е преку дијалог. Македонците секогаш ќе бидат Македонци. Жално е ако спорот со името се злоупотребува за собирање на внатрешно-политички поени“, додава Фуере.

На прашањето дали има алтернатива на евроатлантската перспектива, Фуере вели: „Нема алтернатива. Секако дека тоа е избор на секоја држава. Но, како што сме виделе низ историјата на европската интеграција, предностите и можностите што се нудат се големи. Се` додека Македонија не започне со преговорите, ќе биде во тешка ситуација. Членството во ЕУ е единственото решение“.

Фуере вели дека Хрватска, која од 1 јули е членка на ЕУ, дава добар пример за останатите земји од регионот, дека со определеност и компромис, можно е да се надминат сите предизвици при пристапувањето.

„Не постои причина зошто и другите да не го сторат истото. Мислам дека ќе внесе нова динамика, заедно со одлуките за Србија и за Косово. Да се надеваме дека Македонија еден ден ќе сфати дека само со суштински реформи, ќе може да им се приклучи на другите“, вели Фуере во интервјуто за Гласот на Америка.