1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Фудбал и пари - Бундеслигата ги алармираше финансиските власти

Трансферот на играчот Марио Геце од Дортмунд во Минхен ја раздвижува фудбалска Германија. Сега се вклучи и службата за финансиски надзор Бафин. Проблеми со данок има и шефот на Бајерн, Румениге.

Весникот „Зиддојче цајтунг“ од Минхен известува дека надзорните финансиски власти ги испитуваат околностите на спектакуларниот трансфер на младиот талентиран фудбалер Марио Геце од Борусија Дортмунд во новиот фудбалски првак на Германија Бајерн Минхен. Причина - Борусија Дортмунд како акционерско друштво нотирано на берзата е обврзано непосредно да информира за случувања за кои постои можност да бидат релевантни за берзата.

Постои сомнеж дека Борусија Дортмунд, при трансферот на Геце тежок 37 милиони евра, ја прекршила оваа обврска да ги информира акционерите, се вели во весникот кој се повикува на информации од финансиските надзорни органи. Фудбалскиот клуб би можел да биде казнет со парична казна од еден милион евра.

Дортмунд во вторникот утрото (23. април) ја потврди информацијата на весникот „Билд“ од текот на ноќта и соопшти дека фудбалерот Марио Геце има намера да ја активира клаузулата за истапување од неговиот договор и да се пресели во Минхен. По ова соопштение на Борусија, курсот на акциите на клубот падна за повеќе проценти.

Дури два дена подоцна, на 25. април, клубот преку т.н. ад хок соопштение до берзата официјално го објави трансферот на Геце. Финансискиот шеф на Дортмунд Томас Трес ваквото одолжување го образложи со тоа што дури во четвртокот пристигнала писмената понуда од Бајерн Минхен, заедно со писмено соопштение од Геце, дека сака да го смени клубот. Потоа, во договор со финансиските надзорни органи - Бафин, било издаден ад-хок соопштението. „Дотогаш ни беа врзани рацете. Ние не можеме врз основа на гласини во булеварските медиуми да го информираме капиталниот пазар, тоа би било несериозно“, вели Трес за „Зиддојче цајтунг“.

Румениге не платил данок за часовници?

FC Bayern Erlebniswelt in München

Ули Хенес и Карл-Хајнц Румениге

По претседателот на Бајерн Ули Хенес, и шефот на управниот одбор на германскиот рекорден првак Карл-Хајц Румениге е предмет на даночна истрага поради два часовника од Катар. Како што информира магазинот „Фокус“, часовниците ги пронашле цариниците на Минхенскиот аеродром во рачниот багаж на Румениге, кога во февруари се враќал од Катар. Румениге изјавил дека се работи за користени часовници, кои му ги подарил пријател во Катар.

Според информации на „Фокус“, царинската служба во Аугсбург води истражна постапка. Обвинувањето е дека Румениге при влезот во Германија не го подмирил пропишаниот данок на промет од 19 проценти. Списанието цитира еден државен обвинител со зборовите: „Штом некој (на аеродором) го одбира ’зелениот излез’, со тоа се произнесува дека нема ништо за царинење, доколку го одбере и покрај поинакви сознанија, тогаш затаил данок“. Ваквите случаи се третираат со налози за казна.

Против Ули Хенес истрага води државното обвинителство во Минхен поради сомневање за затајување данок. Хенес самиот се пријави дека поседувал сметка во Швајцарија каде биле депонирани неоданочени пари.