1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Фудбал: Германија испушти можност за победа над Аргентина

Германската фудбалска репрезентација не ја оствари посакуваната победа во пријателскиот натпревар против Аргентина, иако на двапати беше во водство – на крајот сепак гостите извлекоа нерешен резултат од 2 спрема 2.

Од синиќешниот меч: дуел меѓу Рикелме и Шнајдер

Од синиќешниот меч: дуел меѓу Рикелме и Шнајдер

52 илјади гледачи на новиот стадион во Диселдорф беа сведоци на добар фудбалски натпревар, видоа една ангажирана германска селекција во која инаку недостасуваа капитенот Балак, одбранбениот играч Лам и напаѓачот Клозе. Од добрите комбинации резултираа два гола – првиот од пенал, што го реализира Торстен Фрингс, а вториот го постигна Кевин Курањи. Аргентинците прво израмнија на 1 спрема 1 од пенал, иако всушност немаше прекршок - стартот на Фраер во сопствениот казнен простор беше чист, а потоа во финишот на средбата, кога германските фудбалери почна да ги напушта силата, од контранапад повторно воспоставија резултатска рамнотежа. Во обата случаја стрелец беше Ернан Креспо, кој игра во италијанскиот тим Милан.

Разочарувањето од резултатот преовлада кај Германците над задоволството од прикажаниот фудбал. “Се разбира дека сме многу разочарани – два пати водевме и два пати ни изедначија. За првиот гол, според мене, немаше пенал. Но добро, ние сепак водевме со 2 спрема 1, но се’ уште правиме грешки кои мораме да ги отстраниме во наредните месеци. Тогаш ќе победуваме и на вакви натпревари” – изјави Торстен Фрингс. Кевин Курањи оцени: “Ние покажуваме што можеме и денеска покажавме дека можеме да играме добар фудбал. За жал во последните минути ние не успеавме да постигнеме уште еден гол, а тоа им успеа ним. Всушност ние требаше да победиме во овој натпревар”.

Селекторот на репрезентацијата Јирген Клинсман од впечатоците од средбата во преден план го стави доброто: “Јас кратко влегов во кабината и и’ искажав голем комплимент на екипата. Сега мора да чекаме уште неколку месеци за можеби да ги победиме на Купот на конфедерацијата. Мислам дерка пред се’ првото полувреме беше прекрасно. Впечатлив беше начинот на кој го изведоа пресингот и постојано вршеа притисок врз Аргентинците. Во второто полувреме загубивме премногу топки по што се појавија знаци на истоштеност, зашто тоа значеше дека требаше уште повеќе да трчаме и со тоа ја потрошивме супстанцата, попушти концентрацијата и тогаш Аргентинците поентираа. Тоа боли по малку, но треба да се учи и од грешките на овој натпревар” – рече Клинсман.

Синоќа се одиграа и неколку квалификациони натпревари за Светското првенство во Германија 2006-та.

Во 1-та група македонската репрезентација им приреди уште едно разочарување на 5-те илјади премрзнати гледачи на стадионот во Скопје: не најде решение за бункерот на Андора и средбата заврши без голови. Тоа е прв нерешен резултат на Андора воопшто на гостувањата во рамките на квалификациите за некое светско првенство. Лани во октомври Андора ја забележа и првата победа на домашен терен – исто така против Македонија со 1 спрема 0.

Во рамките на 2-та група Грција ја совлада Данска со 2 спрема 1, а Албанија дома загуби од Украина со 2 спрема 0. Украина води со 14 бодови, Грција се проби на второто место со 8.

Шпанија во дуел од 7-та квалификациона група од Европската зона го победи тимот на Сан Марино со 5 спрема 0 и со Литванија го дели второто место со по 8 бодови. Води селекцијата на Србија и Црна Гора со 10.