1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Фудбалското првенство на Германија останува возбудливо

Шалке и натаму го чува првото место, Борусија (М) со една нога е веќе во Втората лига.

Линколн (Шалке) ја слави победата во Мајнц

Линколн (Шалке) ја слави победата во Мајнц

На врвот во Бундеслигата и по 29-тото коло ист редослед на водечката четворка на по два бода меѓусебна разлика: Шалке прв, пред Вердер, Штутгарт и Баерн. Сите 4 тимови победија. Шалке и Вердер играа на гости и се претставија во убедливи изданија. Лидерот Шалке во саботата во Мајнц славеше убедлива победа од 3 спрема 0 и во Гелзенкирхен се’ повеќе расте убедувањето дека шампионската титула е на дофат.

Во неделата Вердер во Дортмунд ја совлада Борусија со 2 спрема 0. “И за нас што седевме надвор беше жешко, а кога играчите по такво време и по еден толку тежок натпревар во четвртокот во Купот на УЕФА прикажат такво остварување, тогаш мора да им се искаже комплимент” – рече Томас Шаф, тренер на Вердер.

Идентични победи од 2 спрема 1 на свој терен постигнаа Штутгарт против Хановер и Баерн од Минхен во дуелот со Баер Леверкузен. Победата на Штутгарт му ја донесе гостински автогол, Баерн, пак, мораше да ги издржи нападите на тимот од Леверкузен во завршницата.

“Имавме полни раце работа за да ја зачуваме победата, но врз основа на поголемиот број гол-шанси што ги имавме и ударите во статива и пречка, победата за нас секако е заслужена” – смета тренерот Отмар Хицфелд. Слично на настаните гледа и гостинскиот тренер Михаел Скибе: “На крајот секако можевме да постигнеме повеќе, иако мора да се каже дека и покрај толкав број шанси што ги имавме, имавме и среќа во одбраната во три-четири наврати, стативата и пречката спречија погодоци – па оттука победата на Баерн не е незаслужена”.

Во Баерн уште не се откажале од титулата, иако првенствена цел им е да се обезбеди учество во наредната Лига на шампионите. Баер, пак, се бори за учество во Купот на УЕФА, до што во моментов е поблизу Нирнберг, кој по победата дома против Алеманија Ахен со 1 спрема 0 е на петтото место со два бода повеќе од конкурентот од Леверкузен.

Енерги во Котбус ја забележа веројатно клучната победа во дуелот со директниот конкурент Волфсбург со 3 спрема 2 и сега со 8 бодови повеќе од местата што водат во Втората лига речиси го обезбеди опстанокот. Истото важи и за Херта, која во првиот настап со нов тренер како гостин го совлада Бохум со 3 спрема 1. Енерги и Херта на седмото и осмото место имаат по 38 бодови.

Големи три бодови освои Хамбургер со победата против Борусија во Менхенгладбах со 1 спрема 0. Хамбургер сега е деветти со 35 бодови, исто колку и Волфсбург и Хановер зад него. Од пресудно значење на крајот може да биде и победата на Ајнтрахт Франкфурт на гости кај директниот конкурент Арминија во Билефелд со 4 спрема 2. Ајнтрахт на 12-тото место на пет кола до крајот има 34 бодови, Бохум и Алеманија по 33.

Борусија Дортмунд со 32 бода е 15-та – тоа е последното спасоносно место. Тренерот Томас Дол верува во опстанокот и покрај поразот дома од Вердер: “Ситуацијата ќе изгледаше поинаку ако ги освоевме бодовите, но тоа е веќе неповратно. Единственото што можеме да го сториме е и натаму напорно да работиме и да ги освоиме нужните бодови за и во наредната година да играме во Бундеслигата”.

Зад тимот од Дортмунд, на местата што водат во Втора лига, сега со два бода заостаток, се Арминија Билефелд и Мајнц. За последнопласираната Борусија Менхенгладбах опстанокот се’ повеќе е чиста теорија – до спасоносното место во моментов и недостигаат цели 7 бодови.

Утре и задутре се играат полуфиналните средби од Купот на Германија, а на наредниот викенд 30-тото коло од првенството, во кое на програмата е дерби-средбата Штутгарт – Баерн.

Во Бахреин победа на Маса од тимот на Ферари

Трета трка од светското првенство во автомобилизам формула еден – трет различен победник: Бразилецот Фелипе Маса од тимот на Ферари беше најбрз на трката за Големата награда на Бахреин. Тоа е негова трета победа во кариерата. Маса стартуваше од пол-позицијата и сигурно го чуваше првото место во текот на целата трка. Трет пат последовно на второ место се најде Луис Хамилтон од Мекларен-Мерцедес, успех што досега не го оствари ниеден дебитант во историјата на ова натпреварување. На подиумот како третопласиран се најде и Кими Рајконен, тимски колега на Маса во Ферари.

Рајконен, Хамилтон и Алонзо водат во годинашното светско првенство со ист број бодови, што ветува занимлив шампионат.

Триумф на О’Грејди

Традиционалната велосипедска трка Париз – Рубе го доживеа своето 105-то издание. На патеката долга 259 километри победи Австралиецот Стјуарт О’Грејди.

Валуев ја загуби титулата светски првак

Николај Валуев го доживеа првиот пораз во 48-та борба од кариерата и ја загуби титулата светски првак во бокс во тешка категорија во верзијата на ВБА. 213 сантиметри високиот и 145 килограми тешкиот џин од Русија загуби од 27 сантиметри понискиот и дестици килограми полесниот Руслан Чагаев од Узбекистан. Чагаев е некогашен светски аматерски првак и досега е непоразен во 24-те борби како професионален боксер.

Чикаго кандидат за домаќин на ОИ 2016

Чикаго е официјалниот американски кандидат за организација на летната олимпијада во 2016-та година. Националниот олимписки комитет донесе тесна одлука за Чикаго, чиј противкандидат беше Лос Анџелес. Други светски кандидати за домаќин на олимпијадата се Мадрид, Прага, Рио де Жанеиро, Рим и Токио.

Веќе се продаваат влезници за олимпијадата во Пекинг 2008

Во Пекинг започна продажбата на влезници за наредната летна олимпијада во 2008-ма. Во првата фаза, што ќе се одвива до крајот на јуни, се понудени 1,1 милион влезници. На располагање има вкупно 7 милиони влезници. Организаторите на игрите од нив очекуваат приход од 140 милиони долари.

Европски атлетски првенства на две години

На конгресот на Европската атлетска федерација, одржан во Кан, е решено европските првенства во атлетика на отворено од 2012-та година да се одржуваат на секои две години. Атлетските првенства на стариот континент ќе се совпаѓаат со летната и зимската олимпијада, а ќе се одржуваат помеѓу светските атлетски првенства.