1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Фудбалските чуда на Вердер

Вердер во претходното фудбалско првенство на Германија во финишот пропушти шанса за освојување на првото место. Но, неговите навивачи и натаму цврсто веруваат во успех, оти во Бремен фудбалски чуда веќе се случуваа.

default

Тимот на Вердер за оваа натпреварувачка сезона

“Знам, некогаш ќе се случи чудо и ќе се обистинат илјада бајки” – како во песната се надеваат и навивачите. Вердер беше четири пати првак на Германија, пет пати освојувач на купот, еднаш дури и освојувач на некогашниот Куп на европските куп-победници. И покрај тоа, во сеќавање во градот на бреговите на реката Везер, остануваат пред се’ легендарните чуда.

Првото е од пред 20 години во Купот на УЕФА. Фудбалерите на Спартак на теренот во Бремен како накиснати пудлички, не можат да сфатат дека по победата во Москва од 4 спрема 1, во реваншот, по супер-претстава на Вердер, заслужено се поразени со 6 спрема 2, опиша репортерот.

Вербата во сопствената сила поместува планини, а на Вердер тоа му се случи повеќепати. Една година подоцна, натпревар од Купот на шампионите против тогашниот источно-германски првак Динамо од Берлин: Шаф ја искористи шансата за 5 спрема 0 – довршено е второто чудо на Везер по поразот во Берлин од 3 спрема 0.

Чудата стануваат се’ покуриозитетни, невозможното се случува дури и на еден ист натпревар, како против белгискиот тим Андерлехт во Лигата на шампионите во 1993-та: од 0 спрема 3 на полувремето, Вердер на крајот стигна до победа од 5 спрема 3.

Последното, четврто чудо се случи пред 7 години: тогаш во Купот на УЕФА Вердер загуби во Лион со 3 спрема 0, а во реваншот успеа да го победи Олимпик со 4 спрема 0.

Инаку, клубот формиран во 1899-та година, прв голем успех постигна пред 46 години, кога го освои германскиот куп, а 4 години подоцна и првата шампионска титула. Длабок пад, пак, Вердер доживеа во 1980-та, кога испадна во Втората лига. Но, веднаш потоа започна една фудбалска бајка, поврзана со едно име: Ото Рехагел долго владееше во Бремен и навивачите му доделија титула “Ото, кралот на Бремен”.

Тој го презеде тренирањето на тимот во 1981-ва, го врати во Бундеслигата и го доведе до шампионски титули во 1988-ма и 93-та, а го освои и купот во 91-ва и 94-та. Но, најголем успех во 14-те тренерски години на рехагел во Бремен беше освојувањето на европскиот Куп на националните куп-победници во 1992-ра. “Кралот Ото” владееше со специфичен стил: “Секогаш правиме така: ако се однесувате пристојно, пристојно и ќе бидете третирани; за глупави коментари ќе бидете ставени на тивок оган. Вистината се покажува на теренот, а не со кажување глупости на новинарите во некој агол” – велеше Рехагел.

Во 1995-та година Рехагел отиде за тренер на Баерн, а Вердер западна во криза - со една нога во првата, со другата во втората лига. Се менуваа тренери, дури ни Феликс Магат немаше успех. Претседателството и менаџерот на клубот Вили Лемке поднесоа оставки, отворен беше патот за нов почеток.

Пред 8 години тренирањето го презеде домородецот Томас Шаф, што подоцна се покажа како среќен потег. “Сметам дека постои еден грч, страв од кои мора да се ослободиме” – Шаф, наместо борба за опстанок, веднаш го освои купот. Со него и со Клаус Алофс, исто така некогашен играч на Вердер, како менаџер, започна ерата на успеси, крунисана со двојната титула во првенството и купот пред три години. “Ова е несекојдневно. Победа во првенството и во купот – тоа е едноставно сензационално”. Благодарение и на Алофс Вердер стана врвен тим во Бундеслигата.

Во Бремен се навикнаа на победи, недостасува само една голема титула – од лигата на шампионите. Но, чуда се случуваат секогаш, пеат и се надеваат навивачите на Вердер.

Бенјамин Вуст