1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Фудбалскиот мачо се бори со Алцхајмер

Во Бундеслигата играше улогата на мачо, сакаше маркантни изјави и дебели цигари. Руди Асауер беше еден од најконтроверзните менаџери во германскиот фудбал - сега дозна дека тој боледува од Алцхајмер.

default

Руди Асауер (архивска снимка од 2005 година)

„Ако од нешто секогаш сум се плашел, тогаш тоа е Алцхајмер“ - оваа реченица стои во автобиографијата на Руди Асауер. 67-годишниот поранешен менаџер на фудбалскиот клуб Шалке 04 ја шокираше германската јавност со признанието дека боледува од неизлечива болест. Автобиографијата се појави во продажба во четвртокот (02.02) и е дел од изненадувачки офанзивната стратегија која некогашниот „Мистер Шалке“ ја следи во јавниот третман на Алцхајмеровата болест.

Дел од таа стратегија се интервјуата за весници. Во најголемиот европски таблоид „Билд“ Асауер е три дена по ред тема број еден, а за неколку дена ТВ-станицата ЗДФ ќе прикаже и репортажа за Асауер, кого новинарите го следеа со камери цела година. Година во која Асауер ја криеше болеста од јавноста. Дури сега, преку поглед во минатото, со прегледување на старите снимки и интервјуа, може да се сфати колку болеста ја променила германската фудбалска легенда. Зошто Асауер дозволил снимање на филмот? „Затоа што сакав отворено и без шминка да се отворам пред јавноста“, вели тој во едно од бројните интервјуа кои се појавија во печатот.

Buchcover Rudi Assauer wie ausgewechselt

Автобиографијата на Асауер

Во Германија, во моментов има околу 1,2 милиони луѓе со деменција, а две третини од нив боледуваат од Алцхајмерова болест. И покрај напредокот на модерната медицина, стручњаците се‘ уште немаат најдено делотворна терапија против болеста. Секоја година во Германија се дијагностицираат околу 300.000 нови заболувања (120.000 случаи на Алцхајмер).

Сепак, оваа тема е табу, дури и во развиена Германија, критикуваше националното Друштво за Алцхајмер. Друштвото ја поздрави стратегијата на Асауер, зашто колку повеќе познати личности во медиумите зборуваат за болеста, поголеми се и шансите детали за болеста да дознае и пошироката јавност.

И Руди Асауер молчеше со години. Всушност не сакал ни да верува дека и тој боледува од болеста. А причини за стравување имал уште во 2006-та година, кога го напушти Шалке 04. Во неговото семејство се регистрирани повеќе случаи на заболувања од Алцхајмер. Приказната за Асауер ги фасцинира Германците поради едноставниот факт дека сликата за некогашниот фудбалски мачо наеднаш добива нова димензија. Човекот што уживаше во животот, што сакаше привлечни жени, добро пиво и квалитетни цигари, одеднаш е „осуден“ на помошта на други. Веќе ни самиот не знае како ќе изгледаат наредните месеци или години во неговиот живот.

Мачо-имиџ

Популарниот „Аса“ не беше само поим за обожавателите на фудбалот. Во текот на врската со актерката Симоне Томала, парот стана познат во цела земја.

Schauspielerin Simone Thomalla

Симоне Томала беше речиси една деценија девојка на Асауер

Заедно снимија и неколку култни ТВ-спотови за пиво (производителот беше главен спонзор на Шалке), во кои ја карикираа сликата за Асауер како мачо-тип. Во спотовите неговата девојка „тегнеше“ гајби со пиво од продавница и послужуваше пијалоци, додека тој во удобна фотелја следеше пренос на фудбалски натпревари.

Асауер е величина во германскиот фудбал. Како играч настапуваше за повеќе тимови во Бундеслигата. Сепак, клуб со кого го врзуваат најемотивни моменти е Шалке 04. Шалке со Асауер стана „модерен“ клуб, со еден од најмодерните стадиони во Европа. Додека во Германија никој не размислуваше за можноста да се добие вистинско домаќинство на Светско првенство во фудбал, „Аса“ на Шалке му подари хај-тек стадион со покрив кој се движи и со трева којашто се вади и става. За време на неговиот мандат како менаџер, Шалке го освои Купот на УЕФА и два пати германскиот куп. Навивачите (главно) го обожаваа, а го сакаа и играчите, иако знаеше кон некои од нив да биде и груб.

„Сељакот“ од Гелзенкирхен

Асауер го сакаа и медиумите. Тој беше добар партнер, секогаш подготвен на некоја атрактивна изјава, подготвен на провокација. Имаше и такви кои го сметаа за „сељак“. Но тие не сфатија дека Асауер совршено ја игра својата „улога“ во фудбалскиот бизнис. Тој „сељачки“ елемент во него беше балсам за

Schalkes neuer Trainer Jupp Heynckes und Manager Rudi Assauer in Gelsenkirchen

Руди Асауер (д.) на стадионот на Шалке со Јуп Хајнкес

душата на многумина навивачи на Шалке, кои својот клуб често го сакаат повеќе од сопствените жени. Тие никогаш не би прифатиле некаков крут менаџер кој брбори само за профит, а такви има и повеќе отколку што треба во некои други клубови во Бундеслигата.

Асауер во неделите што доаѓаат ќе биде во специјална клиника во Есен. За него ќе се грижат ќерката од првиот брак и неговата долгогодишна секретарка од времето на Шалке. Својата вила во Гелзенкирхен веќе ја продаде. Пие лекови и игра игри кои ја поттикнуваат работата на мозокот. Така се бори против Алцхајмеровата болест. Се обидува да ја запре болеста што не може да се запре. Човекот што во фудбалската кариера играше на позиција во одбраната, во новата фаза на животот се усовршува во нова улога. Асауер напаѓа, иако знае дека Алцхајмер не може да го победи ниту тој: „Јас се борам, само не знам против кого“.

Автор: Среќко Матиќ / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска