1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

„Фудбалска војна“

Салвадор прво фудбалски го нападна Хондурас на 27 јуни 1969 година и го победи со 3 спрема 2, а потоа, на 14 јули, го нападна и со војска. Тој воен судир во Централна Америка влезе во историјата како „фудбалска војна“.

default

За фудбалот се вели дека е „најважна споредна работа на светот“. Споредна, но сепак толку важна, што може да биде дури и повод - или изговор за војна, како во настанот од пред 40 години.

Првиот истрел во војната меѓу Салвадор и Хондурас, всушност, се случи во Мексико, на „Стадионот на Ацтеките“, со победничкиот гол што го постигна Пипо Родригес. „Гол на столетието“, пишуваа весниците, оти малата, фудбалски безначајна земја, со победата во решавачкиот натпревар на неутрален терен, се пласира за Светското првенство во 1970.

Фудбалот беше повод...

Фудбалот испадна и иницијална каписла во конфликтот што одамна тлееше меѓу двете централноамерикански земји, се сеќава стрелецот Пипо Родригес.

„Ние се боревме и за нешто друго, освен само за топката. И покрај тоа, обете страни играа коректно и фер, без навреди или бруталности. Притисокот беше екстремен: не само тренерот, туку и медиумите ни велеа дека гордоста на татковината е во наши раце. За нас беше морална обврска да победиме. Кога, фала Богу, победивме во решавачкиот натпревар, Хондурашаните паднаа на тревата и плачеа. Ги сфаќав, оти и тие требаше да го издржат истиот притисок, како и ние“.

Воените влади на двете земји во времето на квалификациите водеа спор за територија: малиот и пренаселен Салвадор веќе не им нудеше перспектива на селаните, па 300 илјади се отселија во соседен Хондурас, кој со децении служеше како вентил во такви ситуации. Но, во април таа година владата изврши аграрна реформа и им го одзеде земјиштето на доселените салвадорски селани. Властодршците во Салвадор, меѓутоа, се плашеа дека повратниците ќе бидат социјален експлозив и ги користеа фудбалските квалификациони натпревари за подгревање националистички чувства. На средбите со Хондурас имаше тешки инциденти во публиката.

Honduras und El Salvador Fußballkrieg 1969

Во бегство за да се спаси голиот живот

Неслучајни совпаѓања

Само две недели по решавачката трета средба, Салвадор го нападна Хондурас. Временската близина на двата настана не беше случајна, смета Валтер Ернандес од Хондурас, кој го сними единствениот документарен филм за фудбалската војна.

„Фудбалот во толкава мера ги подбуцна луѓето, што тие ја прифатија војната. Во Салвадор владееше мислење дека ксенофобичниот Хондурас ги протерува селаните. Салвадорската влада очигледно бараше аргументи за оправдување на воената авантура, оти Салвадорците и Хондурашаните се како браќа - не само што го зборуваме истиот јазик, туку има многу повеќе работи што не‘ поврзуваат, отколку нешта што не двојат“, вели Валтер Ернандес.

Во само 100 часовната војна настрадаа меѓу две ипол и шест илјади луѓе, 100 илјади семејства беа протерани. Со воената авантура Салвадор не постигна ништо: вентилот за миграцијата, Хондурас, се затвори за секогаш. Но, името под кое конфликтот влезе во историјата му прави неправда на фудбалот, оти тој беше само мала искра на фитилот, кој беше поставен многу порано.


Автор: Ан-Катрин Мелман/ Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска