1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Фудбалската магија чука и на македонските врати

Во Јужноафриканската Република утре (11.06.2010) почнува Светското фудбалско првенство. Тоа е оној единствен момент во живеењето, пред кој потклекнуваат сите! Момент, кога фудбалот фрла се’ во длабока сенка.

default

Македонија не е активен дел од Мундијалот, но Македонецот цел месец ќе живее со настаните во Јужноафриканска Република. Така било секогаш. Плановите за следење се направени, репрезентациите-миленички се веќе вгнездени во навивачките срца, обложувалниците ги тријат рацете, барем што се однесува до уплатите. За времето на исплата, кој знае...

Mirsad Jonus Fußballtrainer der mazedonischen Nationalmannschaft

Мирсад Јонуз

Барем засега кругот на фаворитите не е премногу широк. Мирсад Јонуз, селектор на македонската репрезентација очекува нов силен судир на двата, фудбалски најразвиени региони: „Ќе се судрат две концепции, кои ќе доминираат на неутрален терен. Тоа се Јужноамериканската и европската концепција. Мислам дека до последен момент нема да се знае кој ќе стане светски првак.“

Методија Спасовски, легендарното македонско фудбалско име очекува добар фудбал, но и резултатска пресметливост, особено во првиот круг. „Очекувам да има добар фудбал и добри натпревари! Сигурно е дека ќе има и математика, особено за пласман во вториот круг.“

Gore Jovanovski Fußballtrainer Mazedonien

Ѓоре Јовановски

Ѓоре Јовановски, еден од најуспешните македонски тренери, е сигурен дека Мундијалот ќе донесе новини: „Се надевам дека ова светско првенство ќе донесе нешто ново. Репрезентации, кои до вчера, условно беа аутсајдери, за овие четири години многу напредувале! Како и да е ова светско првенство ќе биде предмет на интересна анализа и на стручњаците и на обичните луѓе.“

Кои селекции ја имаат фаворитската улога во очите на соговорниците?

Јонуз смета: „Според моите анализи фаворити од Јужна Америка се Бразил и Аргентина. Тие ќе им се спротистват на европските селекции, како што се квалитетната Шпанија, секогаш подготвената за изненадување Италија, а тука се и Германија и Англија.“

Metodija Spasovski ehemaliger mazedonischer Fußballspieler Mazedonien

Методија Спасовски

Спасовски истакнува: „Навивач сум и за мене фаворит е Бразил. Би сакал фаворит да биде и Германија, но мислам дека квалитетот нејзин во моментов не може да биде конкурентен на една Англија и на Шпанија. Во овие четири имиња го гледам новиот светски шампион, но уште еднаш да нагласам, мојот тип е за Бразил.“

Јовановски подвлекува: „На ова светско првенство, според мене ќе победи онаа репрезентација, која ќе биде најодморена, односно оној тим кој ќе ги сочува клучните фудбалери од можни повреди.“

Изненадувања се можни

Очигледно, старите фудбалски титани и натаму најмногу импресионираат. Но, еднодушни се дека фудбалот секавично напредува во сите делови од светот, па се можни и изненадувања.

Südafrika Füßball südafrikanische Fans Südafrika gegen Namibia

Методија Спасовски, стариот фудбалски романтичар е подготвен и за уживање во амбиентот кој ќе го понудат стадионите во Јужноафриканската Република: „Очекувам спектакл. Очекувам одличен амбиент на сите стадиони, на кои ќе се играат мечевите. Ќе биде тоа прекрасен колорит! Преубави бои, носии, маски, впрочем како што знаат Африканците да го создадат тој спортски амбиент. Тоа ќе биде амбиент, досега невиден на светските првенства.“

Градскиот плоштад во Скопје во моментов е едно големо градилиште, па објективни услови за колективно следење на натпреварите на големи видео скринови, нема. Но, затоа бројните кафулиња се подготвуваат за изливот на навивачките страсти.

Автор: Златко Калински

Редактор: Александра Трајковска